Силна и ретка бура се приближува кон Европа

Силна и ретка бура, налик на ураган и тајфун, претстојниов викенд ќе го погоди источниот дел на Средоземното Море. Според Си-Ен-Ен станува збор за хибридна бура, која се нарекува „Медикејн“.

Податоците од едно истражување спроведено во 2011 година укажуваат дека во текот на една година се случуваат една или две бури „Медикејн“ и дека тие најчесто се јавуваат во септември или октомври кога водата на површината на Средозменто Море и натаму е релативно топла. Последен пат ваква бура имаше во 2014 година близу италијанскиот остров Сицилија.

„Медикејн“ поплави делови на Тунис и Либија, а сега бурата преку Медитеранот се движи на север кон Европа. Си-Ен-Ен јавува дека минувајќи преку Средоземното Море бурата најверојатно ќе поприми карактеристики на ураган и утре ќе ги погоди грчкиот остров Крит и јужните делови на Грција, по што ќе се упати на исток кон Турција. Се очекува деловите низ кои ќе мине бурата да бидат погодени од обилни врнежи и силни ветришта.

Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција соопшти дека државните институции се во состојба на готовност во очекување на бурата и апелираше до граѓаните да бидат внимателни. Поради опасност од циклонот затворени се голем број на училиштата и градинките во Грција. Генералниот секретаријат за цивилна заштита објави совети до граѓаните за заштита од невремето.

„Кога дува силен ветер, не поминувајте под големи дрва, под закачени табли и места од кои може да паднат предмети. Избегнувајте активности на море и плажа. Ако фати силна бура додека возите, застанете на безбедно место покрај патот, далеку од дрва и вклучи трепкачи. Не поминувајте низ поплавени места и речни корита за време на врнежите од дожд. Избегнувајте области каде што имало поплави, лизгање или одрон на земјиште. Пред да тргнете информирајте се за временската прогноза и одбери безбедна рута.“

Бурата „Ксенофон“ е во пол замав во Грција, по неа доаѓа и циклонот Зорбас. Според податоците од метеоролошката служба на Националната опсерваторија во Атина, се очекува медитеранскиот циклон да го погоди јужниот дел на Јонското море, а потоа да се движи кон полуостровот Пелопонез и островот Крит, но и кон други делови на Грција.

По дводневна забрана, денес бродовите од трите атински пристаништа повторно пловат. Грчката противпожарна служба во изминатите 24 часа добила 342 повици за помош поради невремето.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ