Полска пред активација на Членот 7 од Договорот за ЕУ

Полска би можела наскоро да го загуби правото на глас во Европската унија, откако денеска и официјално е ставена пред европскиот суд на правдата. Европската комисија поднесе тужба против Полска бидејќи земјата не го почитува начелото за независност во судската власт. Имено, новиот закон усвоиен од авторитарната власт во Варшава предвидува намалување на старосната граница за пензионирање на судиите во Врховниот суд, со што 27 од 72-ца судии треба да заминат во пензија, а на нивно место ќе дојдат нови судии кои ќе ги именува министерот за правда. И со тоа на некој начин, власта би имала влијание во судството, сметаат од Брисел.

  • Комисијата верува дека апликацијата за пензионирање според новиот закон ќе има сериозни последици и непоправлива штета. Затоа, комисијата ќе бара од Судот да издаде времени мерки, во насока на прво – суспендирање на апликацијата за пензиските измени, второ – обезбедување на судиите кои се засегнати од новиот закон да продолжат да ја извршуваат својата функција и трето да се сторира назначувањето на новите судии на место на пензионираните, вклучувајќи го и актуелниот претседател на Врховниот суд, соопшти Мина Анреева, портпарол на ЕК.

На оваа одлука на Брисел и претходеше политичка игра од речиси цела година. Брисел се обидуваше да ги вразуми полските претставници на двапати, но Варшава остана на својот став, дека реформите се за да има поефикасно судство и отстранување на судиите кои просперираа за време на комунистичкиот реѓим, што предизвика бран протести во земјата.

Денешната одлука на Брисел значи дека Полска ситно брои до активација на Членот 7 од Унијата, со што таа нема д аима право на глас во институциите на блокот. Членот 7, познат како политичка атомска бомба беше воведен кога унијата се ширеше на исток, со цел идните земји – членки да се предупредат што ги чека ако ги прекршат основните постулати на европското семејство. Најстарите земји шленки стравуваа дека земјите кандидатки кога тогаш ќе се вратат на старите навики кои тешко умираат.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ