Тече времето за конечен договор меѓу ЕУ и Велика Британија за Брегзит

Истекува времето за договор за Брегзит, предупредија лидерите на земјите членки на ЕУ, пред почетокот на денешниот официјален дел од неформалниот самит кој се одржува во Салзбург. На синоќешната вечера, британската премиерка Тереза Меј им предлага на 27-те колеги временски ограничувања на царинските аранжмани кои би ја опфатиле цела Велика Британија.

„Тоа е единствениот кредибилен план за преговарање со кој се предвидува да немаме строга граница со Северна Ирска, како и тоа да се почитува гласот на британскиот народ“, вели Меј.

Дест-минутното излагање на Меј од колегите беше опишано како интересно, но ситуацијата останува во ќор сокак. Двете страни сакаат да не постои строга граница околу Северна Ирска , но нема согласност за како да се потигне тоа. Брисел нуди Северна Ирска да остане во царинскиот блок на унијата, но Лондон вели дека тоа би ги поткопало трговските врски меѓу В.Б и Северна Ирска. Затоа е можно да се случи сценарио без договор, на што Ирска вели дека е подготвена, но сепак инсистира да се дојде до договор.

„Тој договор би содржел три елементи: договор за повлекување кој ќе и овозможи на В. Британија да замине со транзитен период, протокол во Ирска и Северна Ирска кој ќе осигура дека и покрај се нема да има тврда граница со Ирска, како и заедничка политичка декларација според која ќе знаеме како ќе изгледа новата поврзаност“, рече ирскиот премиер Лео Варадкар.

Лидерите на земјите членки од унијата се свесни дека треба да се договорат до ноември кога ќе треба да се одржи Специјалниот самит, но сепак не отстапуваат од црвените линии и од јасните принципи за интегритетот на единствен пазар. Британските медиуми јавуваат дека дел од европските челници ја поддржуваат идејата во Велика Британија да се одржи нов референдум со надеж дека резултатите за излез од унијата овојпат ќе бидат поинакви. Но, Меј вели дека нема шанси нејзината земја да го продлжи членството во унијата ниту еден ден од 29 март наредната година.

Освен Брегзит, на денешната агенда на самитот е и миграцијата. Лидерите сакаат да склучат договор со Египет и другите земји од северна Африка кои би овозможиле да се намали мигрантскиот притисок врз Европа, исто како што договорот со Турција придонесе за намалување на приливот од мигранти.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ