
Србија бара да биде дел од истрагата за убиството на Ивановиќ
Врие во Србија по убиствотот на српскиот политичар Оливер Ивановиќ на Косовска Миторвица. За Србија ова е терористички акт и така и ќе се однесуваме, рече српскиот претседател Александар Вучиќ, по вонредниот состанок на Советот за национална безбедност.
„Кога велам терористички акт, тоа значи дека надлежности ќе бидат доставени до нашите органи од Обвинителството за организиран криминал. И очекуваме, доколку Обвинителството денеска подигне предистражна постапка, да достави барање до сите наши органи, МУП, БИА и другите“, рече Вучиќ.
Вучиќ не им верува на косовските институции, рече дека ќе бара од Еулекс и Унмик да и се дозволи на Србија да учествува во истрагата.. Додаде дека злосторниците оставиле трага и поради тоа Србија ќе бара активно учество во наоѓање на убијците.
По веста за убиството, српскиот преговарачки тим веднаш ги напушти преговорите со Приштина, кои денеска требаа да продолжат во Брисел, по десетина месеци во застој. Нема веќе нема за што да се разговара, рече шефот на српската делегација.
„Ова е обид, српскиот народ на Косово и Метохија да се турне во хаос, Србија да се турне во хаос, ова е напад врз цел српски народ и ова е злосторнички терористички чин, кој мора да биде и ќе биде казнет“, изјави Марко Ѓуриќ, шефот на српската преговарачка делегација
Косовската влада го осуди убиството и оцени дека со тоа е оспорено владеењето на правата на Косово. Ги повикаа жителите од северот на Косово да соработуваат со полицијата за што побрзо да се расветли овој грозоморен чин. ЕУ повика на воздржаност со цел институциите на Косово да ја донесат правдата.
Лидерот на Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ е убиен изутринава во центарот на Косовска Митровица додека влегувал во партиското седиште. Застрелан е со пет куршуми во гради, набрзина, никој ништо ниту видел, ниту чул.
„Се подготвува да тргнам, а секретарката веќе беше во канцеларијата. И тој тргнал на работа, значи се случило пред канцеларијата. Го нашла првата сосетка која се враќала од купување леб..Го видела како лежи пред канцеларијата, ја викнала секретарката, која се јавила во Брза помош и тоа се случило во рок од 5 минути, не во рок од 2-3 минути“, сведочи неговата сопартијка Ксенија Божовиќ.
Истрагата вели дека во Ивановиќ е пукано од автомобил во движење, кој брзо беше пронајден, но извршителите веќе го запалиле. Напаѓачите се во бегство и по нив се трага. Оливер Ивановиќ беше умерен политичар, кој уживаше и улед во меѓународната заедница. Поради наводно воено злосторство врз албанското цивилно население помина во притвор повеќе од 2 години, а беше пуштен да се брани од слобода минатиот април. Неговиот автомобил беше запален во јули, а сторителите се уште не се пронајдени.
Алиса Шутиноска