Вучиќ си замина од Косово со порака дека нема решение за спорот

Вучиќ си замина од Косово со порака дека нема решение, а не е ни блиску до него. Не успеа да одржи говор во село Бање, како што сакаше, па им се обрати на Србите во  Косовска Митровица.

  • Мораме и ќе мораме да живееме заедно и едни покрај други. И затоа ќе преговараме и разговараме до изнемоштеност ако треба. И поради тоа дојдов на Косово да ви кажам дека некој, некогаш во иднина ќе мора да постигне компромис со Албанците. Решението не е на видик, но се надевам и го молам Господ да се случи во наредните 10-20 години. Се друго би значело крај на нашето постоење на Косово и Метохија, порача Вучиќ.

Во својот долг говор Вучиќ го нарече Милошевиќ “голем лидер“ потсетувајќи на неговиот говор во Газиместан.

  • Милошевиќ беше голем српски лидер, намерите секако му беа најдобри, но резултатите ни беа многу полоши. Не затоа што тој или кој било друг не сакал, туку затоа што желбите не беа реални, а ги занемаривме и потценивме интересите на другите народи, вели српскиот претседател.

Очекувано, посетата на Вучиќ предизвика напнатост кај албанското население. Со блокади на патиштата не му дозволија влез во селото Бање, а беше спречен и од косовската полиција која по наредба на владата му забрани да влезе во ова село кое е со мнозинско албанско население. Демонстрантите бараат извинување од Србија за злосторствата што им ги направила во војната во 90-те.

  • Српскиот претседател треба да се извини на косовскиот народ за масакрот и геноцидот што го направија, да го признаат Косово, да компензираат и да ги вратат загубите, а потоа тој може да дојде во посета, смета Насер Красниќи, кој беше дел од денешните блокади. 

Соработниците на Вучиќ прстот го вперија во спикерот на косовското собрание, Кадри Весели, според кои, ги организирал инцидентите заедно со ветераните на УЧК, со блокади, палење гуми, па дури и пукотници. Косовката полиција извести дека нема информации за употрееба на огнено оружје како што објавија некои српски медиуми и нагласи дека ги презела сите потребни  мерки за да го обезбеди Вучиќ и делегацијата. Косовскиот претседател Хашим Тачи повика на смирување на тензиите додека КФОР подвлече дека безбедноста на Вучиќ не била загрозена.

За српската политичка јавност денешните блокади на Косово се алиби за косовската влада да се оправда за хаосот во кој се наоѓа, со цел народот да нема чувсвтво дека е губитник. Посетата на Вучиќ оценуваат дека ја остварила својата цел, да му покаже на светот дека тој сака комромис. Но, така не мисли и опозцијата во Белград. За нив, Вучиќ ништо конретно не донел во својот говор, туку само собира евтини политички поени на несреќата на српскиот народ. За приштинските аналитичари местата кои викендов ги посети српскиот претседател се токму линијата по која треба да се направи корекција на границата, со цел нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Денешните блокади се слика на реалното расположение на луѓето кај кои се уште не се залечени раните од војната, оцени приштинскиот аналитичар Бељуј Бечај. А ако главните преговарачи продолжат со меѓусебната блокада, решението за овој спор нема да се случи уште многу долго време.

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ