
Косовската Влада остро го осуди убиството на Оливер Ивановиќ
Косовската Влада остро го осуди денешното убиство на лидерот на партијата Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ, кој утрово беше затрелан од страна на непознат напаѓач во Косовска Митровица.
Владата на Косово соопшти дека на убиството на Ивановиќ гледа како на провокација за „владеењето на правото и напорите за владеењето на правото на целата територија на Косово“.
– Насилството е неприфатливо, без разлика од каде доаѓа и кон кого е упатено, посочи косовската Влада.
Како што јави МИА, според првичните информации, Ивановиќ бил застрелан од пиштол околу 8:15 часот додека влегувал во просториите на неговата партија
Веднаш по нападот, 65-годишниот Ивановиќ е пренесен во Клиничкиот болнички центар во Косовска Митривица, каде е утврдено дека не покажува знаци на живот.
Неговиот адвокат Небојша Влајиќ во изјава за Танјуг нагласи дека Ивановиќ имал повеќе прострелни рани во горниот дел на телото.
Влајиќ нагласи дека засега нема информации како се случил трагичниот настан, потврдувајќи ги медиумските информации дека Ивановиќ бил убиен пред неговата канцеларија додека одел на работа.