Грозоморното тројно убиство во Дебар ги шокираше италијанските медиуми

Македонската црна хроника и веста за грозоморното тројно убиство во Дебар, предизвика шок и внимание и во италијанските медиуми.

Семеен масакар, трагичен епилог, грозоморен чин, вака локалните телевизии од регионите Венето и Фриули Венециа Џулија, како и весникот Ла Стампа од Торино, пренесуваат за Блерта Поцеста, која е осомничена за тројното убиство на нејзините родители и помалата сестра Анила, што се случи пред десетина дена во Дебар. Шок во малите заедници и предградија Сачиле во близина на Порденоне, и Кордињано во близина на Тревизо, каде живеел и работел таткото Амит Поцеста, заедно со сопругата Назмие и трите ќерки.

Останатите две ќерки меѓу кои и сега обвинетата Блерта наводно останале во Италија, пренесуваат италијанските медиуми, прегрнати од сочувството на заедницата, каде потоа со неверување е примена веста дека токму 28 годишната Блерта е директно вмешана во тројното убиство.

Во Сачиле каде семејството живеело, владее згрозеност.

„Оставени сме малку без зборови, бидејќи не делуваа како семејство каде постојат караници, што знам, беа многу културни со соседите, многу мирни, и ете одеднаш, ни делуваше многу чудно, особено ни беше жал за малото девојче“, велат соседите.

„Доаѓаа во продавницава како и сите други купувачи, ги поздравував, секогаш беа насмеани, се шегуваа, беа добри луѓе. Кога дознавме, не ми се веруваше, мислев дека е шега“, продолжуваат соседите.

Нејасен е се уште мотивот за убиството околу кој заедно работат македонските и италијанските истражители. „Во моментов немаме ништо сигурно“, изјави главниот обвинител на Пореденоне Рафаело Тито, кој од пред неколку дена е во постојана телефонска комунукација со македонското обвинителство.

Полицијата во Порденоне продолжува да истражува околу имотните и финансиските состојби на целото семејство, затоа што се уште не е исклучено и тоа да е мотив за убиството. Полицијата се сомнева дека ќерката Блерта воедно била и жирант на својот татко за купување на куќа, која потоа би останала на ќерќите по смртта на родителите.

Италијанските медиуми први ја пренесоа и информацијата дека Блерта Поцеста била зависник од наркотици, и дека била заведена како зависник.

Сомнежите се дека Блерта, веднаш по убиството набрзина заминала за Италија со другата сестра, а потоа со цел да го замаскира својот грозоморен чин се вратила за погребот на родителите и сестрата во Дебар. Според весникот Ла Стампа, Блерта не се вратила во Италија два дена пред убиството.

На 26 август таа се уште била во Македонија.

Ивор Мицковски

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ