
Политичкиот хаос на Косово останува пречка во преговорите со Белград
Најслабата алка пред новата рунда преговори во Брисел, меѓу Белград и Приштина, останува политичкиот хаос на Косово.
И покрај тоа што Хашим Тачи е расположен за компромисно решение, промовирајќи ја идејата за корекција на границата со Србија, на премиерот Харадинај и косовската опозиција тоа не им се допаѓа. Го саботираат на секаков начин, а најавуваат и протести. Во косовскиот парламент за вчера беа закажани две седници, една на барање на Харадинај, за формирање на нов преговарачки тим со Белград кој би го водел потпретседателот на владата, а другата беше на барање на опозицијата, да се донесе резолуција со која на Тачи во преговорите би му се забранило на маса да го стави прашањето за границите. Целта на овие потези е Тачи да биде исфрлен од преговорите, бидејќи единствено тој заговара корекција на границите. По долгите превирања и двете седници не се одржаа.
Но, по се изгледа дека нивната намера успева, бидејќи од кабинетот на Тачи е соопштено дека тој во петок во Брисел нема да ја изнесе идејата за корекција на границите, ниту пак на дневен ред ќе бидат асоцијацијата на српските општини на северот од Косово. Состанокот ќе биде фокусиран на модалитетите за постигнување на конечен, правно обврзувачки договор. Но, не е објаснето што се подразбира под „модалитет“.
По различните ставови на Тачи и Харадинај, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека „по се изгледа дека е очигледно дека косовските политичари не сакаат да разговараат за ништо суштинско“. Додаде дека е време Белград и Приштина да ја преземат одговорноста, а дека Србија повеќе не може да чека. Се очекува Вучиќ да го посети северот на Косово во текот на викендов за на тамошните Срби да им понуди рамка за решение на косовското прашање, на што жителите треба да бидат рационални и да се согласат, порачуваат аналитичарите.
На глобално ниво, против корекција на границите, најгласна е Меркел, а од скоро и францускиот претседател Макрон, бидејќи тоа би можело да повлече и верижни реакции во регионот. Но, најголемата поддршка за решение веќе е дадена од Вашингтон, што за Белград е клучно и брза да се дојде до догворо. Притисокот во јавноста е голем, и се апелира дека ова за Србија е историска шанса, која мора да се искористи инаку ќе следат нови страдања за народот.
Во наредниот период се очекува и ЕК да ги убеди земјите членки да прифатат каков било договор постигнат од Белград и Приштина, ако е реално применлив и во согласност со меѓународното право, вклучувајќи ја и можноста за размена на територии.
Алиса Шутиноска