
Трамп се закани дека САД ќе се повлечат од Светската трговска организација
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги повлече САД од Светската трговска организација доколку не види подобрување во начинот на нејзината работа. Во интервју за агенцијата Блумберг, Трамп ја обвини организацијата дека придонесува кон неправичната трговска положба на САД во светот, и „со години има негативен став кон САД“. Трансформирање на трговските односи на САД е висок приоритет за Трамп кој ги повлече САД од договорот за слободна трговија со Канада и Мексико, воведе царини за увоз на челик и алуминиум од ЕУ и Кина започнувајќи трговска војна со втората најголема економија во светот.
„Како што знаете сега среде многу голем трговски спор, да го наречеме, со Кина. Мислам дека добро ни оди. Знаете нашата економија се придвижи во поглед на вредноста, има многу пари за сите околу оваа маса, но заработивме околу 10 трилиони долари, генерално од мојот избор“, изјави вчера Трамп.
Заканата на Трамп за повлекување од Светската трговска организација го потенцира конфликтот помеѓу неговите протекционистички политики и отворениот трговски систем, чија заштите е цел на организацијата. Со над 160 членки, СТО работи на обезбедување слободна трговија во светот, со што е можно пониски царини и административни пречки.
По воведувањето на царините, Кина поднесе жалба против САД во организацијата обвинувајќи го САД дека ги прекршил правилата на слободна трговија. Другата страна, ЕУ пак, од преземањето на функцијата се обидува да го насочи Трамп кон реформирање на организацијата наместо нејзино целосно напуштање. Унијата идниот месец ќе ги достави своите планови за реформирање на Светската трговска организација и според аналитичарите, тогаш ќе се види дали Трамп навистина е заинтересиран за реформирање на организацијата или само блефира.
Игор Трајков