
Пет децении по Прашката пролет Москва се уште предизвикува поделби во чешкото и словачкото општество
Настаните од 1968 година се уште имаат силно влијание во Чешка и Словачка, особено во поглед на модерната улога на Русија. Денеска се навршуваат 50 години откако половина милион војници на Советскиот сојуз и Варшавскиот пакт, насилно ја згаснаа Прашката пролет,рушејќи ја владата на Чехословачка која не го следеше диктатот на Источниот блок. 50 години подоцна, Чехословачка, Советскиот сојуз и Варшавскиот пакт постојат само на историските страници и во меморијата на современиците, кои на своја кожа го почуствуваа гневот на Советското водство.
„За тие што го искусија тоа беше страшно. 1950-тите беа исто така страшни, потоа во 1989 можевме да здивнеме. Мораме да ја потсетиме младата генерација, затоа што тоа не смее да се повтори“, вели пензионерката и учесник во протестите Мирослава Хловачкова.
Дали Русија треба да биде сметана за пријател е дебата која 50 години помалку или повеќе се провлекува во Чешка и Словачка. Повеќето политичари во двете земји на Москва гледаат како на закана, но од друга страна чешкиот претседател Милош Земан е отворен подржувач на Путин, додека Словачка беше дел од неколкуте европски земји кои одлучија да на протераат руски дипломати по труењето на Сергеј Скрипал во Салсбури. Но за поголемиот дел од постарата генерација, гневот кон Советскиот сојуз се пренесува на модерна Русија.
„Се уште постои опасност, всушност се уште сме во истата ситуација. Окупацијата може да се врати во секој момент, всушност таа е се уште тука. Заснована на информации, нема тенкови, но има зборови“, вели Душан Ванек, учесник во протестите.
Во последните години постои тенденција во двете земји да се прогледа низ националниот елемент во Прашката пролет, не како протест на Чесите и Словаците против руските агресори туку како борба меѓу две спротиставени комунистички фракции. Дури и во Кадифената револуција од 1989 година, со која Чехословачка се ослободи од советскиот политички јарем, антируската реторика беше речиси непостоечка. Но учесниците во Прашката пролет, а особено тие кои ја документираа преку видео и фотографии, не се согласуваат.
„Не беше важно дали сте комунист или не, дали сте интелектуалец или работник, единствено важно беше тоа што бевме сите ние против нив. Затоа мислам дека сите архивски фотографии, вклучително и можеби особено моите, се важни затоа што покажуваат дека делувавме како една нација“, тврди фотографот Јозеф Куделка.
Чешка и Словачка, за разлика од Полска и Балтичките држави немаат векови долга и комплицирана историја со Русија. Втората дестинација на Вацлав Хавел, како претседател беше Москва, на средба со Горбачов. Дистанцирањето на трите земји, се чини повеќе е последица од влијанието на модерните политичари во нив, како и улогата на Москва во Украина и Крим, отколку на настаните од 1968 година. За младите Чеси и Словаци, Русија е од никаква важност.
Игор Трајков