
Втора средба на Меркел и Путин за три месеци
Во Берлин вечерва се одржува втората средба меѓу Меркел и Путин за три месеци. Германската канцеларка и рускиот претседател заеднички соопштија дека нивните земји имаат одговорност за решавање на кризите. Нивниот разговор е фокусиран на решавање на состојбата во Сирија и во Украина, изјави Меркел откако го пречека Путин во гостинската резиденција на федералната влада во близина на Берлин. Меѓу другото тие ќе разговараат и за можноста за распоредување на сини шлемови на ОН за набљудување на прекинот на огнот.
Друга клучна тема на средбата на највисоко ниво меѓу Германија и Русија е и гасоводот Северен поток 2, меѓу Русија и Германија на кој силно се противи САД и некои европски земји. Гасоводот кој би требало да биде оперативен до крајот на идната година е проект вреден од 11 милијарди долари.
Меркел и Путин ќе разговараат и за иранската нуклеарна програма.
Пред да допатува во Берлин, Путин беше во Австрија, како гостин на свадбата на австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсел. Во медиумите се појави фотографија на која се гледа како путин игра со министерката, која е облечена во традиционална австриска носија. Австриската опозиција ја критикуваше министерката Кнајсел што го поканила Путин на свадба, велејќи дека со тоа се доведува во прашање улогата на Австрија, како неутрален посредник, во конфликтот во источна Украина, каде бунтовниците кои ги поддржува Русија се борат против владините сили. Инаку Австрија во моментов е претседавач со Европската унија.