
Кампања на американски медиуми за слобода на печатот
Повеќе од 300 американски медиуми денеска започнаа кампања за слобода на печатот, како реакција на нападите од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп. Кампањата ја иницираше бостонскиот весник „Бостон Глоуб“, кој минатата недела ги повика американските медиуми на 16 август да објават уреднички коментари со критика на „валканата војна“ на Трамп против медиумските организации и новинарите.
Во текот на своите јавни настапи од почетокот на неговиот мандат, Трамп во своите јавни настапи постојано ги критикува медиумите, а осврнувајќи се на нив на својот твитер профил терминот „лажни вести“ го употребил 281 пат.
Солидарност со американските медиуми изрази и британскиот весник „Гардијан“, кој во својот коментар оценува дека Трамп е првиот претседател кој „води смислена и конзистентна политика на поткопување, делигитимирање, па дури и загрозување на работата на медиумите“.
Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека кампањата нема да ги натера повеќето од републиканските гласачи да ја повлечат својата подршка за претседателот. Дури 51 проценти од републиканските гласачи веруваат дека медиумите се непријател на народот, наместо важен дел од демократијата. Од сите американски гласачи 65 проценти веруваат дека медиумите се важен дел од демократијата. Дополнително, 23 проценти од републиканците веруваат дека Трамп треба да ги затвори најголемите медиуми како СиЕнЕн, Вашингтон пост и Њујорк тајмс.
Игор Трајков