Турција ќе преземе мерки за да ја спречи валутна криза

Турската централна банка соопшти дека е подготвена да ги преземе сите неопходни мерки за да ја обезбеди финансиската стабилност и потребната ликвидност на банките во земјата, но не ја зголеми каматната стапка што би можело да помогне во запирањето на порастот на инфлацијата. Реакцијата без акција од централната банка доаѓа по големиот пад на лирата поттикнат од дипломатскиот спор со САД и новите царини воведени од администрацијата на Трамп. Експертите предупредуваат дека инфлацијата ќе се зголеми за најмалку 17 проценти до крајот на оваа година а лошите економски политики на турскиот претседател може да ја турнат економијата во рецесија која би траела до крајот на 2019 годината.

„Ако работите продолжат вака, мислам без компромис, без решенија или привремени или долгорочни, најверојатно стоковата размена тешко ќе ги погоди макро индикаторите. Посликовито, најверојатно рецесијата ќе продолжи по 2019“, вели економската аналитичарка Озлем Деричи Шенгул.

Падот на турската лира според економските аналитичари произлегува од стравовите дека земјата навлегува во економска криза. Дополнително инвеститорите се загрижени дека градежните компании кои масовно земаа заеми во странски валути за да профитираат од градежниот бум кој изминативе години ја зафати Турција, со обезвреднувањето на лирата ќе треба да им вратат повеќе пари на кредиторите. Според последниот извештај на Фајненшл тајмс Европската централна бакна предупредува дека едни од најголемите банки во еврозоната, како Уникредит и БНП Парибас може да претрпат големи загуби во Турција.

„Очигледно ако оваа ситуација продолжи, ако лирата продолжи да паѓа, ако повеќе инвеститори навистина ја напуштат Турција, ако каматните стапки дополнително се зголемат тогаш очигледно е дека ризикот за неисполнување ќе биде на повидок. Кога тоа ќе се случи никој не може да каже“, вели главниот економист на ИНГ-ДИБА Карстен Бржески.

Во последната година малопродажните цени на основните продукти и горива во Турција постојано растат кревајќи ја инфлацијата на 15 проценти а платите остануваат на истото ниво.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ