
За Велика Британија проблемот со Косово не е многу важен
Велика Британија не смета дека е голем проблемот прашањето на Косово. И поради тоа, овој месец нема да биде ставено на дневен ред во работата на Советот за безбедност на ОН, со кој претседава Обединетото Кралство. Ова е првпат по 10 години, една земја самостојно да одлучува да не ја стави темата за Косово на дневен ред, смета српската дипломатија, што за нив е преседан. Велика Британија бара за Косово да се разговара на затворени седници – без присуство на Приштина и Белград и тоа да се редуцира на двапати во годината, бидејќи сметаат дека ситуацијата на Косово е добра и нема потреба за тоа да се расправа, а има поважни жешки теми за разговор како Бурма и Јемен.
Според, српските познавачи, одлуката на Лондон е обид после излезот од ЕУ сепак да остане еднакво важен во овој регион од Европа, што дополнително се потврдува со фактот дека неодамна го зголеми финансирањето на Западен Балкан за сто проценти.
- Кај Велика Британија имате обид да остане тука еднакво важна по излезот од ЕУ или уште поважна од порано. Велика Британија ни говори вие сте нашиот двор, иако излегле од ЕУ. И тоа во исто време додека Западот им говори на другите земји, како на Русија, ова не е ваш двор, и повеќе нема да бидете прашани за ова, и ова не е сфера на ваши интереси, вели Љиљана Смијловиќ, новинар на РТС за надворешна политика.
Смајловиќ оценува дека В.Британија со својата вешта дипломатија и кога ќе ја загуби империјата, успева да остане една од најсилна сила на светот. Но, со нивната одлука се багателизира резолуцијата 1244, посебно сега кога српската власт се обидува да потсети на таа резолуција.
Во меѓувреме, се погласни се шпекулациите дека меѓународната заедница прави голем притисок да се реши прашањето со Косово. Наводно, Косово треба да се откаже од северниот дел, а Србија за возврат да ја признае независноста. Хашим Тачи, во обид да ја смири косовската јавност рече дека никаква поделба на не доаѓа предвид, сепак ја остави отворена можноста да има демаркација на границата како со Црна Гора и Македонија.
- Сметам дека ако има корекција на косовско-српската граница и се постигне конечен договор за реципроцитетно признавање, ако има волја за ваков билатерален и балансиран договор, што значи вин-вин ситуација за двете страни, тогаш никој нема да е против, изјави Тачи.
Во контекст на ова, министерот за дијаспора на Албанија, Пандели Мајко на настан за дијаспората одржан во Србица, рече дека од 1 јануари меѓу Косово и Албанија нграницата повеќе нема да постои. За Белград, изјавата на Мајко не служи за ништо, освен дополнително да ги влоши односите со Албанците и Србите во регионот кои и онака се кревки.
- Енвер Хоџа е мртов, од Голема Албанија нема да биде ништо. А Косово и Албанија инаку немаат граница, туку имаат Србија и Албанија во должина од 111 километри и тоа е единствената граница. А по резолуцијата 1244 ние сме тие кои имаме право да ги користиме граничните премини, изјави Марко Ѓуриќ, директор на Канцеларија за КиМ.
Во најголем дел, српската јавност мисли дека на меѓународната заедница повеќе не и е гајле, посебно кога има подбуцнувачки и заканувачки изјави од типот на Пандели Мајко. А со последната одлука на Велика Британија – во советот за безбедност да не се разговара на тема Косово-Србија, се повеќе им се зголемуваат сомнежите дека тајно е договорена некаква корекција на границата.
Алиса Шутиноска