Случаите на убиства и исчезнати новинари на Косово – без одговорност

„Поминаа 20 години од почетокот на низа случаи на убиства, киднапирања и исчезнувања на 14 српски и албански новинари на Косово, а никој не одговарал за сторените злосторства помеѓу 1998 и 2005 година“.

Ова, меѓу останатото, го пишува во Резолуцијата за истраги за убиства на новинари, која во почетокот на јуни годинава едногласно ја усвои Собранието на Европската федерација на новинари (EFJ) што се одржа во Лисабон. Резолуцијата ја поднесоа Здружението на новинари на Србија, Независното здружение на новинарите на Србија, Асоцијацијата на новинари на Косово и Синдикатот на новинарите на Србија.

Според информациите кои ги собраа здруженијата на новинари во Србија и на Косово, во периодот од 1998 до 2005 година, убиени се осум албански и двајца српски новинари и медиумски работници, а петмина српски новинари се водат како исчезнати. Во меѓувреме, решен е само случајот Шабан Хотиј, убиен 1998 година, кој преведуваше за екипа на руската државна телевизија. Од тогаш се отворени 14 предмети.

Кои се причините и по речиси две децении извршителите на овие злодела и натаму да се на слобода?

Будимир Нинчиќ од Здружението на новинари на Србија вели дека најголем проблем е што на Косово постојат повеќе безбедносни системи или структури кои се занимаваа со овие случаи.

„На почетокот го имавме УНМИК, па УНМИК тоа го префрли на ЕУЛЕКС, па ЕУЛЕКС на домашното обвинителство и сега сите ја префрлаат одговорноста едни на други. ЕУЛЕКС на УНМИК дека УНМИК не ги доставил сите податоци, косовското обвинителство на ЕУЛЕКС и на УНМИК – дека не го истражиле на време, тогаш кога се случиле убиствата и киднапирањата, така што дојдовме во некој сврзан круг, каде едни ја префрлаат одговорноста на други“, вели Нинчиќ.

Мисијата на ОБСЕ на Косово, последнава година силно се залага за откривање на извршителите на злосторствата врз косовските новинари. Шефот на оваа мисија, Јан Брату потсетува дека и пред УНМИК и ЕУЛЕКС, значи во 1998 година, постоеше еден сосема друг режим кој, исто така, немаше никакви резултати во истрагите. Од оваа временска дистанца смета дека обвинителството на Косово ќе има многу тешка работа.

„Мислам дека има волја да се работи на ова. Тие не велат дека овие случаи се затворени, отворени се и сакаат да ги истражат. Но, мораме да ги имаме предвид и практичните ограничувања кои би влијаеле на било кој случај на обвинителството во било кој дел од светот по толку години“, вели Брату.

Дека истрагите беа површни говори и фактот што во неколку случаи на убиства имаше и сведоци, како и дека предметите по некое време едноставно исчезнаа.

Бајруш Морина, поранешен директор на косовското издание на весникот Бота Сот, близок до Демократскиот сојуз на Косово на покојниот претседател Ибрахим Ругова, вели дека покрај соработникот Џемаљ Мустафа убиен 2000 година, иста судбина во 2001 година доживеа и дописникот од Србица, Беким Кастрати и новинарот Бардуљ Ајети во 2005 година. Во случајот на Ајети имаше двајца сведоци, автомеханичари кои го влечеа неговиот расипан автомобил.

„Значи тие беа тука во моментот на убиството. Го видоа возилото без таблички, BMW црна боја од кое е пукано и забележаа дека колата на Бардуљ го изгуби правецот. Тие сведочеа во полиција, но потоа исчезнаа и сведочењето и сведоците“, изјави Морина.

Според информациите на Здружението на новинари на Србија, на новинарот на Радио Приштина Марјан Мелонаши му се губи секаква трага по влегувањето во портокалово такси во 2002 година, а истрага е отворена дури во 2005 година.

„Друг случај кога новинарот Александар Симовиќ исчезна во 1999 година во едно кафуле во центарот на Приштина, по доаѓањето на меѓународните сили на Косово, зборува дека никој од присутните, дури и потенцијалните не само сведоци туку и киднапери, не е сослушан. Ништо не е истражено, иако тука имаше сведоци кои се наведуваат во тој извештај. Никој не е сослушан, ништо не е истражено. Тој е киднапиран и по една година неговите посмртни останки се пронајдени во едно село кај Глоговац. УНМИК површно ги направи истрагите и тоа така стои до денес“, вели Нинчиќ.

Огранокот на Здружението на новинари на Србија на Косово со години бара ефикасна истрага за двајца колеги Ѓуро Славуј и Ранко Периниќ кои исчезнаа меѓу Ораховац и Велика Хоча. Шест пати е оштетена или тргната меморијалната плоча која е поставена на местото на исчезнувањето, а на која на српски и на албански јазик пишува: „Овде на 21 август 1998 година киднапирани се нашите колеги новинари, ги бараме“. Во мај годинава поставена е нова плоча.

„Ние на тој начин, да речам, се бориме и ги потсетуваме надлежните дека никогаш нема да се откажеме се додека не добиеме одговор каде се нашите колеги и кој е одговорен за нивното киднапирање. Бидејќи тие не беа таму ниту со пушка, ниту со униформа, имаа диктафон, нотес и пенкало и ја работеа својата работа“, изјави Нинчиќ.

Шефот на ОБСЕ, Јан Брату, исто така, беше присутен кога се поставуваше седмата по ред меморијална плоча.

„Овие новинари не би требало да бидат заборавени. Нивните семејства имаат право да добијат информации што им се случило, каде се нивните останки, и секако, се надеваме дека извршителите ќе бидат идентификувани и кривично гонети“, вели Нинчиќ.

Бајруш Морина, денес директор на онлајн медиумот „БотаПресс“ вели дека новинарите на весникот „Бота Сот“, по 1999 година биле под постојани закани, дека биле пратени од непознати лица, поради што ангажирале и наоружено обезбедување. Вели дека и понатаму ќе бараат институционална правда за своите колеги, но дека не е оптимист дека косовското обвинителство може да постигне некакви резултати.

„Најголемо зло е што оваа политика вмеша прсти во правосудството и изгледа дека политиката е составен дел на овој организиран криминал. Или елементи на политиката на Косово се вмешани во разни облици на организиран криминал. Затоа политиката ги спречува и до сега ги спречувала истрагите. Може да се случи да не се открие едно или две убиства, но бесмислено е да не се открие апсолутно ниту едно од бројните убиства по војната“, вели Морина.

И Будимир Нинчиќ смета дека не постои политичка поддршка за расветлување на случаите со убиените и исчезнатите новинари, но дека нема да се откаже од барањето да се дознае идентитетот на убијците и киднаперите.

„Ако тие и натаму останат непознати, тоа испраќа многу лоша порака на потенцијалните напаѓачи, киднапери и убијци дека ловот на новинари е дозволен, дека новинарите секој може да ги тепа, да ги убива, да ги киднапира и дека за тоа нема да одговара“, вели тој.

Шефот на ОБСЕ Јан Брату вели дека за ефикасна истрага е многу важна политичката поддршка и дека претседателот Хашим Тачи е единствениот политичар од некоја етничка заедница на Косово кој даде отворена поддршка на напорите да се разгледаат случаите на убиените и исчезнатите новинари и предложи да се издвојат средства за истрага на овие случаи.

„Ова не е етничко прашање, овде станува збор за кривични дела извршени над новинарите кои ја работеле својата работа“, смета Брату.

Брату вели дека се работи на формирање на Комисија за исчезнатите и убиени новинари на Косово и дека за таа цел е ангажиран издавачот Веран Матиќ, кој беше на чело или учествуваше во слични комисии во Србија и во Црна Гора.

„Прва задача ќе биде да се согледаат достапните судски документи, извештаи за случаите. Исто така, да се поднесат барања за добивање информации од органите на власта. Тие барања може да бидат упатени и на претставници на меѓународните организации на Косово, но и во Србија. Ќе видиме, уште е рано, ние уште не знаеме кој ќе биде крајниот резултат“, изјави шефот на мисијата на ОБСЕ на Косово Јан Брату.

Главниот обвинител на Косово, Александр Љумези тврди дека од 14 актуелни случаи на убиени и исчезнати новинари, истрага се води во седум предмети, три се во процес на примопредавање од ЕУЛЕКС, еден е затворен, додека за три случаи немаат информации.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ