Кој ќе одговара за смртоносните пожари во Атина?

Грчките власти засега имаат еден главен осомничен за подметнување на страшните пожари кои однесоа речиси 90 животи. Полицијата го привела 65 годишниот жител на град од северниот дел на Атика. Според сведоштва овој човек и претходно бил познат по тоа што потпалувал суви гранки, лисја и смет. Неговиот идентитет засега не е познат за јавноста, а истрагата е во тек.

Граѓани кои дала изјава пред грчкото обвинителство велат дека осомничениот наводно палел гранки на ридот над местото Пентели. Со високите температури и многу силните ветрови пожарот брзо се проширил низ целата населена област. Осомничениот исто така се претпоставува дека се обидел да ги прикрие трагите за предизвиканиот пожар. На почетната точка наводно истурил земја и вода за да не одговара за непоимливата трагедија.

Според последниот извештај на грчките безбедносни служби во пожарите во околината на Атина се уште има 25 лица кои се водат како исчезнати, додека пак утврден е идентитетот на 59 настрадани луѓе во пожарите. Властите треба да ја довршат идентификацијата на преостанатите 28 тела.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас го посети опожарениот регион Атика и притоа кратко се сретнал со противпожарните служби, волонтерите и со армијата. Неговиот кабинет посочи дека се разговарало за обнова на регионот.

Димитрис Пиеракос полковник генерал на противпожарната бригада смета дека имало време да се изврши евакуација на жителите во Мати, но моќта на пожарот била потцената. Според него лошо бил изведен планот меѓу цивилните власти и немало навремена координација. Пиеракос затоа му се извини на грчкиот народ.

Во апелациониот суд во Атина пензионираниот воен морнар Панајотис Стаматис поднесе тужба против надлежен министер, заменик министер, државен секретар и други административци како и одоговорни лица. Побарано е и да се назначи и истражен судија кој ќе го води предметот за ширењето на смртоносниот пожар на кобниот 23 јули.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ