Ципрас во посета на опожарените региони во Грција

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, без претходна најава и далеку од медиумите и новинарите, денеска ги посети населбите погодени од минатонеделниот пожар.

– Посетата траеше околу еден час. Премиерот ги посети Аргири Акти, Рема во Кокино Лиманаки, но и Координативниот центар на противпожарната служба и војската, соопшти Кабинетот на Ципрас.

Во соопштението се наведува дека за време на посетата, Ципрас разговарал со граѓани, пожарникари и војници, а за ситуацијата бил извесетен од заменик началникот на противпожарната служба, но и од инженерите од Министерството за инфраструктура кои што се на терен.

Во меѓувреме, еден 65-годишен маж е приведен како главен осомничен за предизвикување на пожарите во источна Атика, во кои загинаа 91 лице, а 25 луѓе се водат како исчезнати.

Уапсениот, чиј идентитет не е откриен, наводно е жител на град во северниот дел на Атика, Пентели, наведува грчката телевизија „Скај“.

Според неговите соседи, тој и во минатото палел смет и суви гранки, а пред обвинителството сведочеле девет лица кои го сметаат за одговорен за предизвикување на пожарите.

Осомничениот наводно палел трева и суви гранки на брдото над Пентели кога искрите брзо ја зафатиле и другата вегетација. Поради високите температури и силните ветрови кои дуваат во областа, пожарот брзо се прошири и доби огромни размери.

Како што пренесува „Скај“, откако сфатил колкав станал пожарот, а особено после трагичните исходи, осомничениот маж се обидел да ги скрие трагите со земја, вода и кал, на почетната точка на која е предизвикан пожарот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ