
Две деца се новите жртви во пожарите во Калифорнија
Две деца и нивната баба се новите жртви на пожарите кои од средата беснеат во северна Калифорнија. 17 луѓе се исчезнати, а илјадници ги напуштија домовите.
Според првите информации, 70-годишната баба и нејзините две внучиња на возраст од 5 и 4 години не успеале да излезат од куќата која била опколена од огнените јазици. Сопругот на 70-годишната жена раскажува дека таа му се јавила да побрза да се врати дома, бидејќи пожарот се доближувал до нивниот дом. Кога дошол дома, веќе било доцна, куќата била уништена. Жената успеала да се јави и во полиција, но на средина од разговорот, телефонската линија прекинала.
Пожарите во реонот Шаста беа буквално вовлечени од силните ветрови и формираа “огнено торнадо”, кое гори се што ќе му се најде на патот. 3.500 пожарникари се борат со стихијата, која засега е под контрола само 5%.
Претходно, во пожарите загинаа двајца пожарникари и еден возач на булдожер.