Двете супер сили сакаат подобри меѓусебни односи

Американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин ги започнаа тет-а-тет преговорите во претседателската палата во Хелсинки. Светот сака да види дека добро се согласуваме, порача Трамп пред средбата, најавувајќи дека темите за кои ќе разговараат зад затворени врати ќе бидат и добри и лоши. Трговските врски, односите со Кина, војската, беа точките кои ги најави Трамп.

„Мислам дека имаме големи можности заедно како две големи земји. Не се согласувавме добро во изминативе години. Тука не сум многу долго-речиси две години, но мислам дека ќе завршиме со извонредни односи. Се надевам…Ова го велам со години и додека водев кампања дека – да се согласувате со Русија е добро, а не лошо“, рече американскиот претседател.

Ќе разговараат и за нукеларното оружје, рече Трамп, надевајќи се дека како поседници на речиси 90% од нуклеарната сила во светот, ќе можат нешто да сторат околу тоа, бидејќи нуклеарната моќ не е добра, туку негативна сила.

Путин за разлика од Трамп не откри многу од својата агенда.

„Секако време е детално да разговараме за нашите билатерални односи и за многу критични теми во светот, има многу и треба да се фокусираме на нив“, вели рускиот претседател.

Ракување од три секунди помина напнато и без насмевки, забележуваат странските медиуми. Со оглед на затегнатите односи, поради руската анексија на Крим, и обвинувањата дека Москва му помогнала на Трамп да победи на изборите, двајцата лидери и немаат многу причина за насмевки. Москва е дополнително загрижена за ставот на Вашингтон кон Иран, кој е голем руски сојузник во сириската војна, но и поради критиките на Трамп за рускиот гас кон Европа, како и постојаното наметнување на американските санкции.

Средбата на двајцата лидери предизвика протести во Хелсинки. Сите со различни барања и обвинувања до нив, посебно до Трамп. Дел од нив го критикуваат за трговската политика, а про-украинските демонстранти го бодрат да ја продолжи војната против про-руските сепаратисти. Од „Гринпис“ преку 64-метарски плакат им порачаа на лидерите „Стоплете ги нашите срца, а не нашата планета“.

Самитот „Хелсинки повикува“ има за цел да се насочи кон глобалните прашања и би можел да ја одреди идната динамика на односите Москва – Вашингтон. Ова е четврта средба на светските лидери откако Доналд Трамп беше инаугуриран на почетокот на 2017-та година.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ