
СИ-ЕН-ЕН: Петто момче извадено од пештерата во Тајланд
Спасувачите денеска извлекле уште најмалку едно момче од пештерскиот систем, јавува американската телевизија Си-Ен-Ен, повикувајќи се на сведок пред пештерата во северен Тајланд.
Тој ќе им се придружи во болница на четирите момчиња што беа спасени вчера од длабочината на пештерата.
На местото било забележано како јури амбулантно возило, а пет минути подоцна полетал и хеликоптер, придружен со радосни восклици на тајландските волонтери на земјата.
Тајландските телевизии емитуваа снимка од амбулантно возило за кое се верува дека го носи петтото спасено момче од пештерата до хеликоптерот што чека да го носи во болница.
Хеликоптерот се упатил кон Чианг Раи, каде што другите спасени момчиња се лечат во болница. Си-ен-ен објавува и дека по релативно сувиот ден на местото на спасувањето, повторно се собираат дождовни облаци над ридовите што го опкружуваат пештерскиот систем.
Утрово 18 нуркачи нурнаа во пештерата откако нивото на водата значително опадна.
Момчињата и нивниот тренер ќе бидат вадени еден по еден, секој придружен со двајца нуркачи, во операцијата што ќе продолжи најмалку до вечерва.