
Продолжи операцијата за спасување на останатите деца заробени во поплавената пештера
Откако вчера беа спасени четирите момчиња кои беа дел од заробените во пештерата во Тајланд, денеска продолжува операцијата за спасување на останатите 8 деца и нивниот тренер. Во пештерата веќе влегле истите нуркачи кои учествуваа во вчерашната спасувачка акција. Тајландските власти најавија дека децата би можеле да ги извлечат во наредните два дена. Спасувачите одлучија да ја продолжат ризичната операција, бидејќи се стравува дека нивото на водата во пештерата може да порасне поради силните врнежи кои не престанаа во текот на ноќта. Спасените четири деца се уште не се сретнале со своите родители, тие се во карантин во болница, и можат да поминат неколку денови додека не ги видат своите блиски, наведуваат докторите.