
Италија ќе бара мигрантите спасени во Медитеранот да бидат префрлани во земји од Унијата
Властите во Рим денеска најавија дека ќе побараат од своите европски партнери во иднина да ги прифаќаат илегалните мигранти што ќе бидат спасени во водите на Средозменото Море јужно од бреговите на Италија.
Досега по правило спасените мигранти беа префрлани во мигрантските центри на италијанска територија.
Италијанскиот министер за вантрешни работи Матео Салвини најави дека ваквото барање ќе го изнесе на претстојната средба со неговите колеги од земјите членки на ЕУ, што ќе се одржи в четврток во австрискиот град Инсбрук.
„Откако ги запревме бродовите на невладините организации, в четврток во Инсбрук на маса ќе го поставам италијанското барање да биде блокирано пристапувањето до италијанските пристаништа на бродовите на меѓународните мисии во Средозменото Море“ кажа Матео Салвини, министер за внатрешни работи на Италија.
Австрија, Германија и Италија минатата недела најавија дека на средбата во Инсбрук ќе се разговара за начините за затворање на медитеранската мигрантска рута.