
Потврден нов случај на труење со новичок во Англија
Мажот и жената, кои се во критична состојба во болница во Вилтшир, биле изложени на нервниот агенс „Новичок“, соопшти британската полиција. Тоа е истата супстанца која беше употребена во нападот врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка.
Мажот и жената, двајцата британски граѓани, биле пронајдени во критична состојба во саботата вечер во нивниот дом во Ејмсбери, десетина километри од Солсбери, каде во март беа отруени Скрипал и ќерка му Јулија.
Британската полиција соопшти дека откако ги проучиле примероците, можат да потврдат дека мажот и жената биле изложени на невролошката супстанца и го окарактеризира случајот како „сериозен инцидент“.
По труењето на Скрипал во март, британските власти детално го претресоа реонот на Солсбери за да утврдат каков вид на нервен отров бил користен и дали се уште има траги од тој отров во околината. Велика Британија ја обвини Русија дека стои зад нападот врз Скрипал, додека Русите го отфрлија обвинението.