Постигнат компромис меѓу коалициските партнери во германската влада за транзитни центри за мигрантите

Германската канцеларка Ангела Меркел на вчерашниот кризен состанок со најмалиот коалициски партнер во нејзината Влада, Христијанско социјалната унија и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер постигнаа компромис за миграцијата. Зехофер претходно се закани со оставка на функциите министер за внатрешни работи и лидер на ЦСУ, ако Меркел не прифати контрола на границата, што би опфатило и враќање на некои мигранти од германската граница“. Разликите околу миграциската политика меѓу двајцата лидери се закануваа да ја растурат четиримесечната коалиција и да ја урнат новата влада на Меркел.

„Среќен сум што постигнавме договор. Се докажува дека е добро да се борите за вашите убедувања. Нашиот договор е одржлив договор кој ќе стои и во иднина. Овој јасен договор се совпаѓа со моите убедувања и ми дозволува да продожам да го водам Министерството за внатрешни“, изјави Зехофер.

Договорот кој го постигнаа предвидува изградба на транзитни центри на границата на Германија со Австрија. Подготвувајќи го теренот за договор со Зехофер, Меркел за време на самитот на ЕУ обезбеди договори со 14 земји за брзо враќање на мигрантите кои се обидуваат да влезат во Германија.

„Така го одржуваме духот на партнерството во ЕУ и во исто време ја водиме и организираме второстепената миграција. Ова беше и уште е многу важно и мислам дека постигнавме добар компромис по неколку денови тешки преговори“, рече германската канцеларка.

Веднаш по објавувањето на постигнатиот договор, австриската влада побара разјаснување како ќе функционира неговото спроведување на границата со Германија. Владата во Виена соопшти дека подготвува мерки за заштита на јужната граница на земјата за да ги спречи негативните последици по австриското население. Токму за ова австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска телефонски разговарал со Зехофер, кој најавил дека што е можно поскоро ќе ја посети Виена „за да ги разјасни сите нејаснотии“.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ