Австрија утре го презема претседавањето со ЕУ

Австрија од утре го презема шестмесечното претседавање со ЕУ во чувствителен момент. Миграциската политика, Брегзит и следниот седумгодишен буџет на Унијата се главните теми на кои Виена ќе треба да се посвети. Австрија ќе претседава со ЕУ под мотото „Европа која штити“ а меѓу нејзините приоритетите ќе биде и приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Унијата. Австрија во континуитет го подржува членството на Макеоднија во Унијата и се смета за еден од најголемите нејзини подржувачи, што беше повторено и од самиот австриски канцелар за време на средбата со премиерот Заев на средбата во Виена пред два дена.

„Ние очекуваме од нашите партнери во ЕУ набрзо да ја отворат оваа европска перспектива и да постигнеме заедничко решение на европско ниво за отварање ба пристапните преговори“, изјави тогаш Курц.

На послендиот самит се водеше жестока и макотрпна за мигрантите. Лидерите одлучија за зголемување на контролата на надворешните граници, зајакнување на капацитетите на Фронтекс со 10.000 нови полицајци и отворање центри за прием на бегалци на европско тло и во Северна Африка. За австрискиот канцелар ова е чекор во вистинската насока.

„Важно е овие идеи сега брзо да бидат имплементирани, затоа што нивната вредност зависи од нивната имплементација“, оцени австрискиот канцелар.

Австрија по бегалската криза во 2015 година се претвори во предводник на антимигрантската политика во Унијата. Заедно со земјите од Вишеградската група се противеше и одби да прими бегалци од европскиот план за распределба на мигрантите и силно се залагаше за затварањето на балканската рута. Затоа Курц ја поздрави одлуката за отварањето на приемни центри.

„Ако во иднина се отворат такви центри во земји како Италија или Грција, каде тие луѓе ќе бидат згрижени а не пропуштани кон Централна Европа, во тој случај тоа ќе биде олеснителни за држави како Австрија и други“, вели Курц.

Голем предизвик ќе биде постигнувањето договор за буџетот на ЕУ за периодот 2021/2027 година, бидејќи Виена се противи уделот на Велика Британија да биде распределен меѓу останатите членки. Исто така, и Брегзит е голема тема со која ќе се соочи Австрија, бидејќи самопоставениот рок истекува во октомври а главниот преговарач на унијата Мишел Барние неодамна во Виена изрази загриженост дали воопшто ќе биде постигнат договор.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ