
Постигнат компромис за миграција на самитот на ЕУ
По маратонските преговори кои завршија во раните утрински часови шефовите на држави и влади од Европската унија успеаја да постигнат согласност околу миграциската политика. Заклучоците не ги задоволуваат сите, но беа неопходни за да се спаси Шенген зоната.
„Она што произлезе е Европа која е поодговорна и посолидарна. Италија повеќе не е сама.“
Во центарот на дебатата беше Италија, која се закани дека ќе ги блокира заклучоците на Самитот доколку другите членки не попуштат за нејзините барања. На крајот лидерите се договорија да отворат центри за прием на бегалци на европско тло, на волонтерска база, во кои ќе треба да се одвива целиот процес на процесирање на барателите на азил и враќање на одбиените.
Исто така ќе се разгледа и опцијата за отварање слични центри и во Северна Африка. Овој концепт со центрите на прием за сега останува неразјаснет целосно.
„Како што разбирате, не ги сметам овие центри во трети држави како лек. Затоа Франција исто така предложи и други дополнителни меркиа“.
Лидерите одлучија и да се зајаке контролата на надворешните граници на Унијата и да се зголеми финансирањето за Турција и земјите од Северна Африка. Една од поважните одлуки е таа во иднина Европејците да мора да си помагаат во спасувачките операции на море.
Оваа задача досега им остануваше речиси целосно на Италијанците, кои освен одговорност за својата спасувачка зона во Медитеранот се грижеа и за либиската спасувачка зона.
„Од сега ќе преземаме акции засновани на соработка и координација меѓу земјите членки.“
На површина самитот изгледа како победа на Италија, затоа што речиси сите нејзини барања беа исполните, но германската канцеларка Ангела Меркел тврди дека претстои уште многу работа за да бидат надминати разликите меѓу членките околу миграцијата.
Токму таа тема фрла длабока сенка и врз нејзината домашна политичка сцена, каде коалиционен партнер и даде рок до престојниов викенд да постигне некаков договор за миграцијата.
Игор Трајков