Мигрантите повторно главна тема на европскиот самит

Прашањето на илегалните мигранти во Европа ќе биде главна тема на самитот кој почнува денеска во Брисел. Иако не станува збор за криза како таа во 2015-та година, сепак постојаниот прилив на мигранти од Африка ја натера Италија да ги затвори своите пристаништа за нивните бродови. Проблем е Даблинскиот принцип, според кој барателите на азил треба да останат во земјата преку која влегле во унијата. Но Грција и Италија, кои го поднесуваат речиси целиот товар, бараат промени.

„Потенцирав за време на состаноците со европските лидери, во Франција со Макрон и со Меркел во Берлин, дека тие кои пристигнуваат на италијанските брегови, пристигнуваат на европски брегови. Ако Европа навистина постои, ако Шенген постои, заснован на принципите на одговорност и солидарност како што велат сите, тогаш тој критериум на прв влез мора да биде надминат“, вели италијанскиот премиер Џузепе Конте.

Хуманитарниот брод Лајфлајн пет дена беше заглавен на море со 230 мигранти, откако Италија не му дозволи влез во нејзините пристаништа. По пет дена интензивни дипломатски напори, беше одлучено бродот да се закотви во Малта а мигрантите да бидат поделени меѓу седум членки на унијата.

„Вистинските баратели на азил ќе добијат заштита, како што е договорено во различните земји членки, додека процедурите ќе започнат веднаш за тие кои не ги исполнуваат условите за заштита по соодветниот процес и во согласност со европските и меѓународните правила“, вели малтешкиот премиер Џозеф Мускат.

Германската канцеларка Ангела Меркел повторно ќе биде во фокус при дебатата за мигрантите. Нејзиниот став за ова прашање и предизвика многу проблеми на домашната политичка сцена, па дури се закани и да ја урне коалиција со Социјалната унија. Во последен момент подршка добива од грчкиот премиер Ципрас, кој во интервју за Фајненшл тајмс навести дека е подготвен да склучи договор со Меркел, да се направи полесно Германија да враќа кандидати за азил во други европски држави.

Три опции се предлагаат како трајно решение на проблемот со мигрантите и ослеснувањето на товарот за Италија и Грција. Првата, која е предлог на Австрија и Данска, предвидува координација меѓу севрноафриканските земји, унијата и ОН за отварање центри во Северна Африка каде ќе се примаат и процесираат мигрантите. Втората е предлог на ЕК, да се зајакне пограничната агенција Фронтекс до ниво на вистинска гранична полициска сила. И третиот предлог исто така доаѓа од комисијата, да се зголеми соработката со транзитните земји и матичните земји на мигрантите за да се подобри процесот на враќање на одбиените азиланти. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск меѓутоа изјави дека не очекува да биде постигнат договор.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ