Меркел и Макрон се здружија да ја „спасат “Европа

Во Мезеберг дворецот, во близина на Берлин, лидерите Меркел и Макрон се принудени да се соочат со новата реалност, внатрешно идеолошките поделби и се посилен антагонизам од американскиот претседател Трамп.

Клучни во билатералата Меркел и Макрон се финансиски, политички и безбедносни реформи на ЕУ. Прв тест за француско-германското лидерство ќе биде заедничкиот буџет на еврозоната што е на врвот на листата на барања на Макрон, за потоа да се реализираат и пошироките реформи во пресрет на ЕУ самитот наредната недела.

„Во однос на буџетот на Еврозоната и деталите јас сум многу прагматичен. Што имаме денес во Еврозоната? Ништо. Што ќе имаме утре? Буџет на Еврозоната. Тоа значи дека од 2021 година ќе одлучиме заеднички да внесеме пари во буџетот на еврозоната, генериран од националните буџети и приходите од даноците“, вели Макрон.

Меркел трпи се пожестоки напади од страна на Трамп кој проектира свои политики за САД со паранојата околу мигрантите кои како што вели со себе носат огромни закани. Германската канцеларка токму затоа бара солидарност најпрво од Франција како силен сојузник, а тоа единство во однос на мигрантите ќе треба да се прошири и на унијата.

„Мојот одговор на твитот на Трамп е дека нашето министерство за внатрешни работи претстави статистики за криминалот кои сами за себе говорат. Гледаме донекаде позитивен развој тука. Секако, треба да направиме повеќе за да се спротиставиме на криминалот, но тоа се охрабрувачки бројки“, вели Меркел.

На овој германско-француски самит се договорени и засилување на европскиот механизам за стабилност кој треба да прерасне во европски монетарен фонд, преземање чекори кон банкарска унија и намалување на ризиците, додека пак во безбедноста зајакнување на заедничките одбранбени системи, мигрантски кампови надвор од територија на ЕУ и зајакнување на европската гранична служба. Во политичките реформи засега се разговара за намалување на еврокомесарите и проактивна надворешна политика на светската сцена.

Новата политика на ЕУ со перјаниците Франција и Германија ќе биде клучна и за проширувањето со нови членки каде својот ред трпеливо го чека и Македонија, но за таа цел неопходно ќе биде внатрешното реформирање да се спроведе со широк конзензус кој ќе ја зајакне унијата.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ