Плачот на затворените деца ја подели и трогна Америка

Во екот на силни критики поради политиката на задржувањето на децата на илегалните мигранти и нивното одделување од семејствата, американскиот претседател Доналд Трамп најави средба со републиканските законодавци, на која ќе дискутираат за гласањето за имиграциските закони, пишува „Ројтерс“.

Одделувањата на децата од своите родители повторно го ставија Трамп во центарот на вниманието за имиграцијата. Во вторник американскиот претседател ќе се упати во Капитол хил во моменти кога се соочува со жестоки критики од демократските законодавци за „варварскиот“ третман на децата во моменти кога неговите републиканци внимателно се обидуваат да ги провлечат законите со кои делумно би прекинале овие постапки.

Нулта толеренцијата на администрацијата на Трамп во поглед на имиграциските политики предвидува апсење на сите оние возрасни лица што ќе се обидат нелегално да влезат во САД вклучувајќи ги и оние што бараат азил, додава „Ројтерс“. Додека родителите се во затвор, нивните деца, пак, се испраќаат во посебни установи, понекогаш дури и на други локации и задржани сами со недели.

Америка е поделена, трогната од сликите, но и од аудио снимката која беше објавена, каде може да се чуе плачот на децата штотуку разделени од своите родители.

„Не плачи“.

„Сакам да одам со мојата тетка“.

„Ќе стигнеш таму. Види, таа ќе ти објасни и ќе ти помогне“.

„Тато!“

“Ќе те однесам да зборуваш со лице од твојот конзулат, во ред?“

“Тато!“

Американските власти соопштија дека нултата толеранција спрема имигрантите на границата со Мексико од половината на април доведе до раздвојување на околу 2 илјади деца од родителите кои биле приведени за илегално влегување во земјата.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ