Миграциската политика повторно ја „ниша“ владата на Меркел

Миграциската политика две години по завршувањето на бегалската криза се уште фрла сенка над политичката кариера на германската канцеларка Ангела Меркел. Односите со деценискиот сојузник на нејзината Христијанско демократска унија, сестринската Христијанско социјална унија се нарушени поради различните ставови за миграцијата. Главна причина поради која Меркел може да ја напушти функцијата по речиси 13 години е министерот за внатрешни работи од Социјалната унија, Хорст Зихофер и неговиот план за враќање на граничните контроли за имигрантите.

„Не сакам да го скријам фактот дека се наоѓаме во многу сериозна ситуација, се зборува дури за историска ситуација. Моите колеги од Социјалната унија се обединети во подршката за Хорст Зихофер и неговиот план за одбивање на мигрантите на границите“, вели Александар Добринд од Христијанско демократска унија.

Меркел категорично го отфрли предлогот на Зихофер, според неа тоа е еднострана одлука која е против европските принципи. Таа се надева дека за време на престојниот европски самит ќе успее да ги убеди останатите лидери конечно да се постигне договор за единствен мигрантски систем. Зихофер вели дека ќе ги врати контролите и без одобрение од Меркел.

„Драмата е затоа што и двајцата, Меркел и Зихофер се во право. Меркел е во право дека европско решение е потребно. Сакаме да се движиме слободно низ Европа, поради тоа не сакаме затворени граници. Потребна ни е контрола на надворешните европски граници и заеднички азилатнски систем. Меркел е во право, но таа не го постигна ова во последните две години и затоа Зехофер треба да биде подржан“, вели лидерот на Слободната демократска партија Кристијан Линднер.

По партискиот состанок Зихофер излезе со посмирен тон, тврди дека неговата намера не е да ја урне владата а канцеларката има време до европскиот самит да пронајде решение. Германските медиуми пишуваат дека Зихофер, кој за време на бегалската криза беше премиер на Баварија, сојузната држава преку која во Германија влегоа најголемиот дел мигранти никогаш не и простил на Меркел за нејзината одлука да се отворат границите. Канцеларката пак тврди дека таа побарала негово мислење но тој не и одговорил на телефонскиот повик. Дали станува збор за одмазда или не, сепак медиумите дека нови избори не му одговараат на никој и оваа ситуација може да биде решена на најгерманскиот можен начин, со компромис.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ