Нови обвинувања за предавство против Ципрас во грчкиот парламент

Поддржувачите на Ципрас и натаму се згрозени од повикот за воен пуч на ултра десничарот Константинос Барбарусис. Полицијата во филмска бркотница на автопат не успеала да го уапси. Барбарусис со службениот автомобил прелетал со огромна брзина покрај патролата, па полицијата и натаму е во негова потрага. Делувањето на Златна зора мнозинстовото го поврзува со притисокот кој го врши Нова Демократија на Мицотакис. За пратениците на Сириза ова е знак дека опозицијата поттикнува радикализирање на состојбите.

Одлучната акција на грчките правосудни органи против Барбарусис како да не ги освести останатите пратеници. Јоргос Касипидис од Нова Демократија ги нарече пратениците на Сириза предавници по што следеше бурна реакција. Филис и Џидакис од Сириза побараа да прекине со неговиот говор и да се повлече од говорницата, но тој не ги послуша. За тешките обвинувања Касипидис ќе биде ставен пред Одборот за етика на парламентот во Грција.

Сепак, и во редовите на владејачката Сириза атмосферата не е идеална. Грчкиот министер за надворешни Коѕијас навреди двајца пратеници од неговата партија, за кои се сомнева дека не се одлучни во претстојното гласање за давање поддршка на Владата на Алексис Ципрас. Тој во провокативен тон ги нарече „женчиња“ во пленарната сала, што дополнително предизвика грижи за неусогласеноста во Сириза.

Директни обвинувања кон Ципрас стигнаа од екс премиерот Антонис Самарс. Тој рече дека се борел за „скопското“ прашање, за сега Ципрас да го предаде. Проблемот не го создал Самарас, туку македонизмот е дело на Сталин и Тито.

Костас Караманлис пак, се врати во одбрана на Дора Бакојани. Екс грчкиот премиер истакна дека договорот кој е склучен со Скопје има многу отстапки за Грција. Тој смета дека не треба да се дозволи македонски јазик и македонско државјанство туку тие да бидат нарекувани според новото договорено име.

Министрите на Ципрас исто така имаа можност да ја дадат одбраната пред пратениците за својата влада. Никос Параскевопулос, министерот за правда вели дека за прв пат соседите на Грција ќе треба да признаат дека не се Македонци, туку Северно-Македонци и да го прифатат грчкиот карактер на Македонија кој не е словенски.

Стотина пратеници веќе ги дадоа своите аргументи за или против гласање недоверба на владата на Ципрас. По маратонската работа на парламентот спикерот Никос Вуцис побара да се ограничи времето за говор на пратениците за интерпелацијата да биде ставена на гласање во 18:30 часот. Опозицијата негодува и го обвини за цензура.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ