Верхофштат се закани со тужба за Европскиот Совет ако не се најде решение за миграцијата

Шефот на европската либерална група во Европскиот Парламент, Ги Верхофштат, им порача на преставниците на Советот на ЕУ дека случајот со бродот „Аквариус“ е „срам и скандал“ за ЕУ и дека доколку лидерите не изнајдат решение за мигрантската криза на следниот Самит на ЕУ  на 28 и 29 јуни, Европскиот Парламент треба да размислува за тужба, во согласност со европските повелби.

Бродот „Аквариус“, кој замина во спасувачка мисија на бегалци и мигранти во Медитеранот пред неколку дена, беше сопрен од страна на властите во Италија и во Малта вчера, по што шпанската влада прифати да го прими. На бродот има околу 600 лица, меѓу кои се деца и седум бремени жени.

Европските парламентарци утрово на пленарната дебата со претставниците на бугарското претседателство и Европската Комисија, речиси едногласно ја осудија “слабоста“ на европските влади да изнајдат решение за мигрантската криза. На почетокот на овој месец, владите на ЕУ не успеаја да се договорат за реформа на тнр “Даблинска регулатива“ која ја регулира миграциската политика во ЕУ.

Ги Верхофштат ги обвини сите европски влади за неспособноста да заземат став по ова прашање и да ја реформираат Даблинската регулатива. Тој ги повика лидерите итно да создадат европските центри за пример во земјите на транзит каде бегалците ќе може да бараат азил и заштита.

„Ако Советот повторно не успее треба да се запрашаме дали заедно со Европската Комисија треба да одиме на Суд“, рече Либералот.

Шефот на социјал-демократската група во ЕП, Удо Булман, исто така остро ги нападна лидерите за случајот со бродот „Аквариус“.

„Ако морате да си ја докажувате силата на штета на деца и бремени жени, немате поим колку сте бедни“, изјави Булман алудирајќи на Италија и Малта кои го одбија бродот на своја територија.

Булман ја поздрави одлуката на новата шпанска влада да го прими бродот и ги повика лидерите на ЕУ да покажат “одговорност и солидарност“.

„До новото претседателство на господинот Курц (австрискиот премиер, нз): запрашајте се господине Курц, горди ли сте што ја затворивте балканската рута? Горди ли сте на вашето пријатество со господинот Орбан? Нема да помине во овој дом, народот нема да го пушти да помине, ова нема да биде политиката на Социјал-Демократите, и нема да биде политиката на Европскиот Парламент“, изјави Булман.

Австрија, чија влада е во коалиција со екстремната десница, го презема претседателство со ЕУ од  1 јули и веќе најави поостра политика кон миграциската политика во ЕУ.

По неуспехот на почетокот на јуни да постигнат договор за реформата на даблинската регулатива, министрите за внатрешни работи го препратија досието на масата на шефовите на држави и влади на Самитот на ЕУ на 28 и 29 јуни. Лидерите ќе треба да донесат заклучоци за миграција и да ја дадат политичката ориентација за ова прашање, по која ќе треба да работат Европската Комисија и австриското претседателство, но крајната поларизација во ЕУ на оваа тема навестува дека компромисот ќе биде тешко остварлив.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ