Трамп го разгоре Блискиот Исток – 61 мртов, 3000 ранети во Појасот Газа

По вчерашниот масакр на Блискиот Исток, каде се испреплетоа – 70 години од создавањето на израелската држава, американското отварање на амбасада во поделениот Ерусалим, како и арапската годишнина од егзодусот на палестинците, сега ризикот е немирите да се прошират на источен Ерусалим и Западниот брег, покрај веќе тензијата на Појасот Газа.

Во таа експолозивна мешавина од настани и годишнини денеска е „Накба“, катастрофата за Арапите, колосалниот егзодус на преку 700 илјади Палестинци, по создавањето на еврејската држава во 1948 година.

Палестинците прогласија три дена жалост за убиените вчер, 61 мртов, преку 2000 ранети, а меѓу жртвите и 8 месечната Лејја ал Гандур, отруена од солзавецот во дурите меѓу израелската восјка и демонстрантите.

Унилатералниот гест на Трамп, кој заборава на правата на Палестинците, и де факто го крши договорот од Осло, само создавајќи нови генерации на гневни Палестинци, и нови, се поголеми крвопролевања.

„Без разлика колку се силни сионистичките непријатели, и без разлика колку треба да жртвуваме, идната генерација на Палестинци ќе биде посилна од оваа генерација. Со или без поддршка од другите арапски држави, Алах секогаш ќе биде на наша страна“.

„Тоа што се случува во Газа е неизбежен резултат на израелската окупација на палестинската земја. Нужност е за оваа младина да се побуни на овој начин“.

Целиот свет гледа кон Блискиот Исток и денес се јавуваат веќе конкретни акции по вчерашното крвопролевање. Во ООН, Кувајт повика на итна средба на Советот за безбедност, додека САД го одбиле барањето за независна истрага за настаните во појасот.

Турција досега најсилно реагираше, Анкара го протера израелскиот амбасадор, мерка која следува по вчерашниот повик на консултации и со американскиот амбасадор.

Пред вонредната седница на советот за Безбедност, францускиот амбасадор во ООН, ијави дека повеќе не може да се молчи, и дека на Блискиот Исток се случува совршена бура.

„Во Газа и пошироко, ситуацијата на Блискиот Исток е блиску до совршена бура. Тоа што се случува во Газа само ги зајакнува радикалните и потенцијално терористички организации во регионот. Како второ, ситуацијата само ја потврдува итната потреба од политички хоризонт во Израелско-палестинскиот конфликт“.

Но, унилатералната одлука на Трамп, мајсторот на разгорување конфликти, со инсталацијата на американската амбасада во Ерусалим прави атентат врз секој обид за дијалог, на основа на планот за создавање на „две држави“, онаа израелската и палестинската.

„Мировниот процес веќе беше мртов, искрено и пред Трамп да стапне во Вашингтон. Но, сега е тешко да се види некаква вистинска надеж за обид да се оживее мировниот процес предводен од САД“.

Вчерашната забава од една страна и крвопролевање на другата, говори за една комплетна откаченост од реалноста на страдањето. Ова говори и за една културна фрактура, повеќе од политичка, зошто не зборуваме за судир на Доброто и Злото, туку за еднаквите права на два народи, нешто што комплетно се заборави, збориме за изгубениот компромис, за самата идеја за некакво воздржување. Најмоќната сила на светот одбра да поддржи само една страна, кога во реалност би требало да биде посредник.

Во оваа достоевска трагедија се заборави сржта на арапско-израелскиот конфликт, и дека неговото евентуално решение, може да изникне само низ заеднички пат и процес, а не преку наметнати и еднострани решенија.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ