Сепаратистичката организација ЕТА се распушти

Баскиската сепаратистичка организација ЕТА објави „целосно распуштање на сите структури“. Во писмото испратено до баскиските институции и невладини организации, кое го објави интернет порталот eldiario.es, ЕТА ја признава одговорноста за неуспехот во решавањето на „политичкиот конфликт“ во Баскија. Организацијата „Еускади та Аскатасуна“(ЕТА) што значи „Баскиска татковина и слобода“, уби 853 луѓе за време на својата вооружена кампања за создавање независна баскиска држава во северна Шпанија и во јужна Франција.

Во писмо објавено од шпанскиот онлајн весник, групата ги извести баскиските институции и невладините организации дека престанува да постои. „ЕТА одлучи да објави крај на својот историски циклус и својата улога, доведувајќи го својот пат кон крај. Таа целосно ги распушти сите свои структури и објави крај на својата политичка иницијатива“, се вели во писмото.

Групата, која ја напушти својата вооружена кампања пред седум години, рече дека потегот е дел од процес кој треба да „донесе нов политички циклус“ во баскиската татковина. „Оваа одлука го завршува 60-годишниот циклус на ЕТА, но, не става крај на конфликтот помеѓу Баскија, Шпанија и Франција“, се вели во писмото.

ЕТА ќе одржи симболичен настан кој ќе го означува распуштањето во јужна Франција во петок. Шпанскиот министер за внатрешни работи, Хуан Игнасио Зоидо, реагираше на писмото ветувајќи дека полицијата ќе продолжи да лови терористи „каде и да се”. Тој додаде дека членовите на ЕТА немаат ништо кога престанаа да убиваат и нема да добијат ништо со изјава за распуштање.

ЕТА е основана како културна организација во 1959 година. Неговата цел беше воспоставување на независна баскиска држава во северна Шпанија и јужна Франција. Таа презеде вооружена борба следната деценија и меѓу 1968 и 2010 година, беа убиени 829 лица во бомбашки напади и престрелки, речиси половина од нив се цивили. Групата, исто така, ги нападна државните безбедносни сили и во 1973 година го уби шпанскиот премиер Луис Кареро Бланко со огромна автомобил-бомба.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ