
Различни видувања за средбата Мун – Ким
Јужнокорејските медиуми вчерашниот самит меѓу јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го поздравија со одредена претпазливост, додека севернокорејска новинска агенција КЦНА е пооптимистична.
Според дел од јужнокорејските медиуми на средбата немало одлучен и недвосмислен ангажман за откажување на Пјонгјанг од нуклеарната програма. Конзервативниот дневен весник „Чосун“ наведува и дека „постојаните санкции и притисок се нужни како гаранција дека Пјонгјанг нема да се повлече, како што прави последните 25 години“.
Весникот посочува дека средбата Мун – Ким е позитивна за подобрување на билатералните односи, но оти има недоречености за главниот проблем – денуклеаризацијата.
– Тоа е чекор назад во однос на тоа што беше одлучено во 2005 година со Договорот, во кој Северна Кореја вети дека ќе се откаже од нуклеарното оружје и постоечките нуклеарни програми и оти ќе дозволи инспекции. Покрај тоа, ако договорот за денуклеаризација на Северот биде тема на следниот самит меѓу САД и Северна Кореја, ќе треба време да се уништат базите и нуклеарното оружје, како и нуклеарниот материјал, наведува „Чосун“.
И јужнокорејскиот дневен весник „Јонганг“ истакнува дека „претстои долг пат пред денуклеаризацијата. Никогаш јавно не е кажано кој е концептот за денуклеаризација на Ким, ниту како ќе се спроведе истата“.
Иако КЦНА КЦНА одвоено го објави заедничкото соопштение на Ким и Мун по самитот меѓу Северна и Јужна Кореја, сепак потенцира дека средбата е „нова пресвртна точка“, која ќе придонесе за заеднички просперитет на Корејскиот Полуостров.
На историскиот самит на лидерите на Северна и Јужна Кореја во пограничното село Панмунџом потпишана е декларација за вложување заеднички напори за „целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, како и официјално потпишување на официјален крај на Корејската војна (1950-1953).
На средбата беше договорено и јужнокорејскиот претседател на есен да го посети Пјонгјанг.