
Путин со убедлива победа на изборите, ќе владее до 2024 година
Осум кандидати на хартија, но еден вистински победник на изборите. Русија по четврти пат го избра Владимир Путин за претседател на државата и тоа со огромна разлика пред опонентите. Најмоќниот човек во Русија ќе остане на оваа позиција до 2024 година ,
Се потврдија предвидувањата на предизборните анкети и Путин освои над 70 отсто од гласовите неколкупати повеќе од другите кандидати кои на овие избори имаа улога на статисти. Грудинин беше најблиску со околу 11 отсто од освоените гласови,а двојно помалку имаше Жириновски. На изборите гласаа нешто над 59 отсто од вкупно 110 милиони гласачи во Русија и во странство. Ваквата сигурност Путин ја имаше и на почетокот на денот кога гласаше не очекувајќи никакво изненадување на изборите.
Новинар: „Кој процент од добиените гласови ќе го сметате за успешен?“
Путин: „Секој процент кој ќе ми даде право да ја исполнам улогата на Претседател“.
Новинар: Дали се чувствувавте непријатно кога го дадовте гласот за себе?
Путин: Верувам дека изборната програма што ја понудив е вистинската за оваа земја.
Најсериозниот противник на Путин, неуморниот критичар на Кремлин, Алексеј Навални не доби шанса да учествува на изборите иако ги собра потребните 100.000 потписи. Централната изборна комисија ја одби кандидатурата на Навални со тврдењето дека има криминално досие, но ова многумина го сметаат за политичка одлука бидејќи Навални предводеше дузина протести против актуелната власт во Русија која ја смета за криминална што често доведуваше и до негово апсење. Навални според Вол Стрит Џурнал е човекот од кој најмногу стравува Путин, но во реалноста претседателот на Рисија никогаш го нема спомнато по име.
Навални повика на бојкот на овие избори очекувајќи легитимитетот на Путин како старо нов претседател да биде доведен под знак прашање ако победи со мал број на гласови.
Од неговата партија излегоа со обвинувања за изборни нерегуларности односно дека вештачки се подига процентот на излезност. Сепак изненаден е што останатире кандидати молчат за ова.
„Илјадници граѓани излегоа на гласање и од љубопитност проверив дали останатите кандидати пишуваат за изборни нерегуларности. Се однесуваат како ништо да не се случува“, Алексен Навални, лидер на опозицијата.
Во Русија се гласаше на 100.000 избирачки места буквално од Арктикот па се до Меѓународната вселенска станица.
Александар Манасиев