Ковид 19 се шири во Америка, во Калифорнија вонредна состојба

Калифорнија прогласи вонредна состојба откако во оваа држава почина еден маж, со што смртоносниот биланс во САД се зголеми на 11 лица. Станува збор за човек на возраст од 71 година, кој боледувал од хронична болест и патувал на крузер од Сан Франциско до Мексико минатиот месец. Откако бродот се вратил во Сан Франциско на 21-ви Февруари, илјадници други патници патувале со истиот крузер до Хаваи и назад.  Бродот сега е во карантин и постојат сомневања дека 11 патници и 10 членови на екипажот се болни од коронавирусот.

  • Во моментов, во Калифорнија денеска има 53 потврдени случаи. Овие случаи се раширени во целата држава. Сакам да потенцирам дека за здравјето на населението во Калифорнија, ризикот останува низок. Ова е ситуација која бргу се менува. Како што инфективните болести се шират низ различните групи со различна динамика, тоа истото се случува и кај нас, вели Соња Анџел, директор на одделот за јавно здравство во Калифорнија.

10 од 11-те смртни случаи во САД се во државата Вашингтон, каде болеста се прошири во еден дом за стари лица, но вирусот се шири и во Тексас и Небраска. Вашингтон и Флорида исто така прогласија вонредна состојба во текот на викендот за да се обидат да го спречат ширењето на вирусот.

Во САД драстично се зголеми и работата на аптеките, каде граѓаните во голем број купуваат маски и бараат информации за најдобра заштита од вирусот.

  • Зависи. Некои луѓе се умерено загрижени. Има некои луѓе кои се можеби под поголем стрес и многу се плашат дека доаѓа крајот на светот. Некои луѓе се смирени , кога рационално ќе ги погледаат бројките на оние кои се тешко болни и ќе ги споредат со бројот на луѓето кои се разболени, велиЛоренс Јакобсон, фармацевт.

 

Во САД во моментов има 150 пријавени случаи на пациенти кај кои е потврдена респираторната болест Ковид-19, во 16 држави. Во целиот свет има повеќе од 92 000 случаи, од кои 80 000 се во Кина. Повеќе од 3000 луѓе починаа во целиот свет , од кои исто така најголем дел со во Кина.

Покрај Кина, најтешка е ситуацијата во Јужна Кореја, каде вчера имаше нови 516 случаи, или вкупно над 5 700-тини. Смртоносниот биланс изнесува 35 лица.

Во Европа, ситуацијата е најтешка во Италија, каде училиштата и факултетите ќе бидат затворени најмалку 10 дена, во обид да се стави под контрола епидемијата која досега однесе повеќе од 100 човечки животи. ММФ соопшти дека со 50 милијарди долари ќе им помогне на државите кои се најтешко погодени од вирусот.

 

Никоа Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ