
60 загинати во пожарите во Грција
Грција се соочува со трагедија од невидени размери. Најмлаку 60 луѓе загинаа, а над 200-те се повредени во пожарите кои го зафатија регионот Атика во близина на главниот град Атина. Прогласена е вонредна состојба во опожарените региони, знамето на владината зграда и парламентот е спуштено на половина копје. Премиерот Ципрас прогласи национална жалост во земјата и рече дека не постојат зборови што ќе ги опишат чувствата на сите, а земјата живее неопислива трагедија“
- Денес Грција жали и во сеќавање на оние што загинаа, прогласуваме тридневна национална жалост. Но, не треба да дозволиме жалоста да не освои, затоа што овие часови, се часови на борба, обединетост, храброст и пред се солидарност, затоа што само така, само сите заедно, можеме да застанеме пред трагедијата, рече Ципрас.
Лично се обврза дека никој нема да биде заборавен и никој нема да остане без помош од државата, но и ништо нема да остане неодговорено.
Двата шумски пожари кои почнаа уште во четвртокот навидум изгледаа безопасно, но поттикнати од високите температури и силните ветрови целосно излегоа од контрола, и брзо се проширија кон приморските градови од двете страни на грчката престолнина. Најтешка е ситуацијата во областа Мати, каде во една вила се пронајдени 26 тела. Сите прегрнати, меѓу нив мајка и бебе. Не успеале да избегаат навреме од огнениот обрач. Евакуираните жители на Мати ситуацијата ја споредуваат со ерупција на вулкан кој ја уништил античката Помпеа. Во воздухот се чувствува отровна миризба, изгорени автомобили.. куќи.. а меѓу загинатите има и туристи. Од македонското МНР соопштија дека засега нема дојава дека во оваа катастрофа имало и македонци. И Портпаролот на грчката влада потврди дека најстрашно е во области Мати.
- До овој момент во болниците во Атика, згрижени се 156 возрасни лица, од кои 11 се во сериозна состојба и се поврзани на апарати и 16 деца чии животи не се во опасност. Во овој момент, за жал бројот на жртвите е 50 лица. Противпожарната служба, во соработка со полицијата продолжува со тешката задача на евиденцијата и информирањето ќе биде континуирано. Од друга страна, бродови на крајбрежната служба и нуркачки единици, ја проверуваат областа за пронаоѓање на можни заглавени, додека до овој момент, извлечени се вкупно 715 луѓе, главно од областа Мати“, соопшти Димитрис Ѕанакопулос, портпаролот на грчката влада.
Се е покриено со чад, а голем дел од луѓето панично со автомобилите бегале од стихијата. Оние во најзагрозените региони биле присилени да скокаат во море за да ги избегнат пламените јазици.
Денеска веќе е расчистен чадот, па и полесно се дише, а сите му се радуваат и на најавениот дожд. Силниот ветер е смирен, но сепак има огнени џебови кои можат да се активираат во секој момент. Грчката војска ја зголемува патролата и со дронови ги собираат податоците, бидејќи се сомнева дека пожарот бил подметнат. Причината за пожарите ќе ја истражува и Врховниот суд. Цела Европа е мобилизирана да и помогне на Грција. Десетина земји членки веќе испратија помош, а уште од вчера и Македонија се понудила да ги испрати расположливите ресурси. Ова е најголем пожар кој ја погоди Грција уште од 2007-ма година, кога на полуостровот Пелопонез загинаа десетици луѓе.
Алиса Шутиноска