
43 загинати во страотен пожар во фабрика во Делхи
Најмалку 43 луѓе загинале денеска во страотниот пожар кој избувнал рано утринава во фабрика за чанти и кожни производи во главниот град на Индија, Делхи.
Огнот избувнал во четирикатната зграда во стариот дел од Делхи а заради тесните улички низ кои не можат да поминуваат возила, пожарникарите биле принудени да се борат против огнената стихија на оддалеченост од 100 метри.
Најмалку 100 луѓе спиеле во фабриката, која произведувала школски ташни , кога избувнал пожарот. Повеќе од 60 од нив успеале да побегнат на време. Огнот избувнал на приземје и бргу се проширил до третиот кат каде спиеле работниците.
“Тука имаше фабрики за чанти, новчаници и пластични ќеси. Тука почнал пожарот. Најголем дел од жртвите се задушиле, затоа што местото беше многу мало и голем број луѓе живеа тука. Немале време да побегнат. Некои од жртвите спиеле додека се ширел огнот. Најголем дел од луѓето се задушиле од чадот” – вели еден локален жител.
Полицијата истражува дали работата на фабриката била законски регулирана. Според локалните жители, фабриката немала сертификат за заштита од пожари ниту пак дозвола за работа. Засега официјално не се соопштува причината заради која избувнал пожарот но во оваа сиромашна населба од Делхи, огромен проблем се лошите електрични инсталации, кои не се поправаат.
“Пожарот почнал заради краток спој. Сите овие електрични жици опасно висат и никогаш не се поправаат. Службите никогаш не ги поправаат” – подвлекува Кришан Кумар, локален жител.
Роднините на настраданите се собрале пред 3-те болници во Делхи каде биле пренесени преживеаните но и телата на загинатите, во обид да добијат информации за своите најблиски.
Противпожарната служба потврди дека огнот бил изгаснат од 25 возила и дека завршиле со својата работа. Фаталните пожари со голем број жртви се за жал честа појава во Индија, каде при изградбата не се почитуваат безбедносните стандарди.
Никола Илиевски