
41 жртви при итното слетување на руски авион во Москва
Страотна трагедија на Московскиот аеродром Шереметјево. Авион на Аерофлот бил принуден итно да се обиде да слета набргу по полетувањето. Леталото било зафатено со оган а во хаотичните сцени кои следувале животот го загубиле најмалку 41 лице, додека 37 луѓе успеале да преживеат.
На драматичните видео снимки се гледа како патниците се обидуваат да се спасат, бегајќи преку излезите за итни случаи во опожарениот авион.
Информациите околу причините поради кои пилотот бил принуден да се обиде итно да слета на Шереметјево се различни. Според дел од преживеаните патници, авионот бил погоден од грмотевици но Аерофлот соопшти дека причината се технички проблеми при летот.
Помеѓу загинатите има и две деца.
“Во авионот имало 73 патници и 5 членови на екипажот, 28 патници сега се на терминалот, истражните органи и психолозите работат со нив. 5 луѓе се хоспитализирани, 37 од 78 луѓе кои биле во авионот успеале да преживеат. 33 од нив се патници а 4 членови на екипажот” – изјави Елена Марковскаја од рускиот истражен комитет.
Авионот слетал полн со гориво затоа што екипажот изгубил контакт со контролата на летање и пилотот одлучил дека е премногу опасно да го исфрли горивото над Москва, соопшти агенцијата Интерфакс.
Рускиот премиер, Дмитри Медведев наредил формирање специјален комитет кој треба да ги открие причините за трагичниот настан.
Авионот Сухој Суперџет 100 полетал околу 18 часот по локално време а негова крајна дестинација бил градот Мурманск. Екипажот испратил аларм дека во лошите временски услови се случиле технички проблеми при летот а во текот на слетувањето , моторите на леталото биле зафатени со оган кој набргу се проширил по трупот на авионот.
Според рускиот национален авиопревозник Аерофлот, екипажот ги презел сите неопходни мерки за да бидат спасени животите на патниците.
Локалните медиуми пренесувааат изјави од патниците кои тврдат дека е вистинско чудо како успеале да преживеат.
Никола Илиевски