
4 обвинети за издавање потврди за потекло и пасоши во Бугарија
Четири обвиненија поднесоа бугарските власти за учество во криминална група и корупција, по акцијата во Државната агенција за Бугарите во странство. Директорот Петар Харалампиев, кого обвинителството го товари како главен на групата, и генералниот секретар Красимир Томов се двајца од обвинетите, додека останатите 16 уапсени се ослободени. Заменикот главен обвинител, Иван Гешев, изјави дека станува збор за најсериозен корупциски случај во повисоките нивоа на власта и поради тоа обвинителството во истрагата прибрало конкретни докази за извршени криминали. Од Македонија, од каде минатата година биле поднесени 10.000 барања за такви потврди, се уште не е побарана соработка за случајот.
- Македонија, македонксата влада и македонските истражни органи доколку се укаже потреба целосно стоиме на располагање да помогнеме, доколку одредени наоди индицираат дека постои нешто кое што треба да се истражи во Македонија, изјави портпаролот на влада, Бошњаковски.
По избивањето на аферата во Бугарија веднаш започнаа политички препукувања и меѓусебни обвинувања. Опозицијата обвини дека агенцијата за Бугарите во странство всушност е под контрола на Красимир Каракачанов и неговото ВМРО, а не како што е законски пропишано под вицепремиерот. Партијата „Вољја“ тврди дека тие уште пред една години предупредиле за криминални дејства во агенцијата.
- Тогаш Каракачанов и ВМРО, врз основа на предупредувањата од пред година и половина цврсто застанаа зад шефот и целата група, која сега се докажа дека е организирана криминална група, според обвинителството, вели лидерот Веселин Марешки.
Од партијата на Каракачанов пак вратија дека случајот се користи за политички маркетинг.
- Не може со вакви теории и лаги, на грбот на ВМРО да се гради политички имиџ, изјави Јулијан Ангелов, пратеник во Народното Собрание од ВМРО
Обвинителството го сомничи Харалампиев дека ја организирал групата за да издава неосновани потврди за бугарско потекло на странци, со цел добивање бугарски пасош. За таа услуга наплаќале од 5 до 8 илјади евра, давани на најниските службеници а потоа распоредувани низ агенцијата од Харалампиев и Томов. Според податоците од бугарските власти до сега се издадени 153.000 пасоши а 38.000 се во процедура. Најголем интерес имало во Македонија а потоа следат Србија, Молдавија, Албанија и Русија.
Игор Трајков