
Алтернативите на Брегзит на дневен ред на Британскиот Парламент
Британската премиерка Тереза Меј, избегна да одговори на прашањето на лидерот на опозицијата , Џереми Корбин, дали ќе го прифати резултатот на ткн индикативно гласање за новата насока на водење на преговорите за Брегзит.
Спикерот на законодавниот дом, ќе селектира повеќе опции, кои најверојатно ќе се движат од откажување на Брегзитот па се до напуштање на ЕУ без договор, при што пратениците на ливче хартија ќе треба за секоја опција поединечно да се изјаснат со “за” или “против”. Во жестокиот дуел со Корбин, премиерката Меј подвлече дека таа веќе одговорила на тоа прашање, иако досега единствено најави дека ќе го разгледа резултатот од гласањето, без да потврди дека чувствува обврска да го почитува истиот.
Премиерката се соочува со многу јасен избор. Една опцијата која е поддржана од земјата и од многумина во нејзината партија. Или треба да го послуша тој став и да го промени курсот или да си замине! Што ќе изберете?, праша Корбин.
Господинот Корбин го постави прашањето за индикативните гласови кои ќе бидат познати вечерва. Јас всушност одговорив на тоа прашање претходно во текот на оваа недела. Но можеби треба да поразговара со секретарот за Брегзит во сенка, кој јасно кажа дека Лабуристичката партија не се обврзува да го почитува резултатот од ова гласање, одговори Меј.
Пред да започне расправата во Долниот дом, од Брисел доаѓаат нови сигнали дека ЕУ се уште не се откажува од можноста Велика Британија да остане дел од Унијата. Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, апелираше до европратениците да не ги изневерат очекувањата на британските граѓани .
Не смеете да ги изневерите 6-те милиони луѓе кои ја потпишаа петицијата за откажување од повикувањето на членот 50. Имаше милион луѓе кои маршираа, барајќи ново гласање и се поизразено мнозинство на луѓе кои сакаат да останат во Европската Унија. Тие можеби се чувствуваат дека не се доволно претставени од страна на парламентот во Обединетото Кралство, но мора да чувствуваат дека се добро претставени од вас во овој дом, затоа што се Европејци, вели Туск.
Долниот дом на британскиот парламент закажа 5-часовна дебата за повеќе различни алтернативи на договорот за Брегзит на Меј, кој веќе два пати беше отфрлен од парламентарците. Планот е најпопуларните идеи, повторно да бидат разгледани во Понеделник, со цел да се најде решение кои би било поддржано од мнозинството.
Никола Илиевски