35 загинати при уривање на мост во Италија

Најмалку 35 лица загинаа при уривањето на мостот Моранди во близина на Џенова во Италија. Меѓу загинатите има и едно дете а 13 лица беа повредени. Мостот се урна при невреме проследено со громотевици и пороен дожд. На социјалните мрежи се појави снимка на која се гледа како се урива еден од столбовите кои го држат мостот.

Со помош на кучиња спасувачките екипи и 200 пожарникари ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани. Локалните власти стравуваат дека бројот на жртви се уште може да се зголемува, затоа што во моментот на уривањето мостот го поминувале 35 возила.

„Само што излегов од камионот мостот се урна. Слушнав татнеж и одлетав и после тоа не се сеќавам на ништо“, изјави еден од преживеаните.

Заедно со спасувачката операција италијанските власти спроведоа и евакуација на околните објекти стравувајќи дека може да се урне и остатокот од мостот. Заменикот премиер Матео Салвини вети брзо изведување на виновниците за несреќата пред лицето на правдата.

„Се уште трае спасувачката операција, но од вечерва треба да почнеме со утврдувањето на одговорноста и имињата и презимињата на виновниците за оваа неприфатлива загуба“, вели Салвини.

Атлантиа, компанијата оператор на италијанските автопати, тврди дека состојбата на мостот постојано се следела и немало никакви знаци на опасност.

Мостот Моранди е дел од автопатот А10 кој ја поврзува италијанската ривиера со пристаништата и продолжува кон јужниот брег на Франција. Дизајниран од инжењерот Рикардо Моранди, мостот бил пуштен во употреба во 1967. Од тогаш до сега бил повеќе пати реконструиран. Реконструкции биле спроведувани во текот на осумдесетите и деведесетите години на минатиот век. Повторно бил реконструиран во 2016 а се урна додека се спроведуваше уште една реконструкција и зајакнување на неговите основи. Експертите уште во 2016 предупредувале дека мостот мора да биде заменет со нов, затоа што дизајнерот Моранди не ги земал во предвид ефектите од стареењето и деформирањето на бетонот.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ