
Ќе стигне ли хуманитарната помош во рацете на Венецуелците?
Колумбискиот град Кукута, кој граничи со Венецуела е проголтан од мигрантите. Низ овој град, Венецуелците одлучуваат да го продолжат патот понатаму. Но оние кои остануваат во земјата, често доаѓаат во Кукута за лекарски прегледи. Колабираната економија, а и неодманешните меѓународни санкции го повлече со себе и здравството во Венецуела. Докторите немаат со што да работат, нема лекови, ниту медицинска опрема. Јудит Мухика е бремена во 4 месец со своето трето дете. Принудена е често да ја преминува границата за редовните контроли.
- Нема резурси за здравствени услуги. Вчера отидов во болница во Венецуела и докторот спиеше, не сакаа да го разбудат за мене, раскажува Јудит.
Чекала три часа, но не го видела докторот. Да не дошла во Колумбија немаше да дознае за високиот крвен притисок кој ќе ја следи во бременоста.
- Во централниот дел, животот е многу тежок, вели Јудит.
Мухика се враќа дома по прегледот, но многу идни мајки од Венецуела одлучуваат да останат во Колумбија да работат за да можат да одат на доктор. Кукута е градот во кој денеска пристигна американската хуманитарна помош. 180 тони храна, средства за хигиена, лекови и медицински инструменти чекаат дозвола за влез во Венецуела, и да бидат доставени до 250 илјади луѓе. Актуелниот претседател Мадуро не ја прифаќа помошта. За него нема хуманитарна криза, тврди дека Вашингтон само сака да се оправда за идна воена инвазија врз земјата. Но, опозицијата на чело со лидерот Гуаидо, кој е веќе признаен за претседател од 50 земји, а прво од Америка, преку Твитер повика доброволци за да ја дистрибуираат помошта. Пријавени се повеќе од 100 илјади луѓе, а во меѓувреме Гуаидо ја повика и војската да застане на негова страна.
- И повторно порака до Вооружените сили на Венецуела, имаат седум дена за хуманитарната помош да влезе. Една недела за да ја направат вистинската работа, а не само да бидат на страната на Уставот, ние ги овластуваме за хуманитарната помош да влезе, порача Гуаидо.
Но, Мадуро ја собира војската на границата со Колумбија, а опозицијата се надева и преговара да ја достави помошта преку Бразил. Гуаидо најави дека до болниците во Каракс веќе е доставена и првата пратка со нутритивен прашак за децата, како и четириипол илјади додатоци за прехрана на бремените жени. Венецуела со години се наоѓа во длабока политичко-економска криза. Во земјата недостасуваат повеќе од 80 посто од лековите и медицински матеијал, а редовно нема струја и вода. Поради кризата од земјата емигрирале повеќе од три милиони луѓе. За социјалистот Мадуро, за се е виновна Америка и нејзините санкции.
Алиса Шутиноска