Речиси 800 мртви од коронавирусот за само еден ден во Италија

Италија денеска го забележа најголемиот број смртни случаи од коронавирусот во само еден ден. Итлаијанските власти соопштија дека од вирусот во последните 24 часа починале 793 лица а регистрирани биле и 6.557 нови заболени. Со денешните податоци вкупниот број на заболени во Италија се искачи на 53.578 лица а бројот на починати на 4.825.

Реалноста во која живееме тука, а тоа нешто кое за жал ни е заедничко на сите, е дека секој од нас има пријател, или роднина, или познаник, или колега кој во моментов е болен, вели градоначаникот на Бергамо Џорџио Гори.

Бројот се зголемува и во Шпанија, која денеска исто така забележа рекордно висок број на починати и новозаболени. До сега Шпанија има 25.374 заболени од кои 1.378 починати. Со 966 нови случаи Иран надминува 20.600 заболени а бројот на починати според денешните податоци се зголеми на 1.556 лица.

Во текот на послендите 24 часа имаме 123 счуаи на смрт од болеста Ковид-19 низ целата држава. Додавајќи ги овие 123 драги луѓе кои повеќе не се меѓу нас, имаме 1556 лица кои ги загубија животите до денеска како резултат на Ковид-19, соопшти иранскиот министер за здравство Киануш Џаханпур.

Покрај Шпанија, Германија и САД со денешните податоци од здравствените власти го поминаа Иран по бројот на заболени. Но за разлика од другите најпогодени држави, бројот на починати во Германија е далеку помал. Од вкупно 21.854 заболен починати се само 77 лица. Тоа не е случај со САД и Франција. Во САД има 282 смртни случаи на 22.132 заболени а во Франција дури 450 на 12.600 заболени.

На Балканот државите продолжуваат со се поригорозни мерки. По забележувањето на првата жртва вчера од 149 потврдени случаи, Србија од денеска го укина јавниот превоз а ги затвара и трговските центри.

Јавниот транспорт ќе биде запрен во цела Република Србија. Значи го суспендираме јавниот градски превоз на неопределено. Од недела во 20 часот ги затвараме рестораните, кафулињата и трговските центри, соопшти српската премиерка Ана Брнабиќ.

Грција и натаму е најпогодена во регионот, има вкупно 495 потврдени случаи од кои 10 лица починаа. Потоа следува Словенија со 341 заболен и еден починат. Хрватска има 168 заболени, Бугарија има 142, Босна 90 и Албанија 76.

На глобално ниво бројот на заболени надминува 285.000, од кои речиси 12.000 починаа.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ