
Пуштен од притвор таткото на убиениот Давид Драгичевиќ, во Бања Лука напнато
Јавното обвинителство на Бања Лука одлучи да го пушти на слобода таткото на трагично настраданото момче Давид Драгичевиќ, кој вчера беше брутално уапсен. Обвинителството одлучи дека не постојат причини за притвор за Давор Драгичевиќ – овој татко кој цели девет месеци бара правда за контроверзната смрт на неговиот син. Но, обвинителството останува на ставот дека тој сепак направил кривично дело – загрозување на безбедноста на министерот за внтершни работи. Драгичевиќ најави дека против сите кои биле дел од апсењето ќе поднесе кривични пријави.
- Тврдат дека сум се заканувал, а не сум. 276 дена ме убиваат мене и моето семесјтво. И мајката на Давид, Сузана и сестрата Теодора и сите луѓе околу мене, а и вас. И ако некој збор прелета…мене ми го убија коренот..мојот ангел од 21 година…и не го давам“, вели Давор Драгичевиќ, по излегувањето од притворот.
Полицијата наводно се обидела да му врачи покана за распит, но Драгичевиќ бегал, што било доволно да ја спроведат акцијата. Но, неговиот адвокат објасни дека немало причина за апсење, бидејќи полицијата не покажала со ништо дека треба да му ја достави поканата.
- Се надевам дека министерот Лукач денеска ја научи лекцијата. Не треба да се апси кој било, во ситуација кога му е предизвикана толкава болка со водење на неадекватна истрага, изјави Ифет Ферагет, адвокат на Драгичевиќ.
Апсењето на Драгичевиќ ја крена на нозе цела Бања Лука, луѓето излегоа на протести и се судрија со полицијата, која брутално се однесуваше со демонстрантите од движењето „Правда за Давид“. Приведени беа и неколку политичари од опозицијата, но и мајката на Давид, Сузана.
– За кого работиш, за народ или за мафија? Нели е вредно моето дете? Погледни го, 21 година…имаш ли мајка?
Контроверзен е случајот со смртта на Давид, кој по една недела барање, беше пронајден мртов во реката Црвена. За полицијата бил деликвент, корисник на дрога, а смртта настапила поради давење. Но, родителите не веруваат. Тврдат дека тој бил киднапиран, мачен, силуван и дека на крајот убиен од припадници на МВР на Република Српска. По три месеци, се покренува истрага против непознати сторители поради основано сомнение за убиство. Родителите не се откажуваат. Од 26 март на бањалучкиот Плоштад на Краина секоја вечер се одржуваат собири „Правда за Давид“. Бараат да се разјасни случајот кој долго тапка во место, што за одбраната веќе е јасно дека е вмешан и политичкиот врв.
Алиса Шутиноска