
30 години од урнувањето на берлинскиот ѕид
Германија денеска ја одбележува 30-тата годишнина од урнувањето на берлинскиот ѕид, клучен момент во настаните кои доведоа и до падот на Комунизмот во источна Европа.
На церемонијата на Бернауер Штрасе, каде се чува еден од последните делови од ѕидот кој ја означуваше линијата на поделба меѓу Советскиот Сојуз и Западниот блок, покрај германските лидери присуствуваа и лидерите на Полска, Унгарија, Словачка и Чешката република.
Тие заедно положија и рози на ѕидот, каде во текот на 28 години, од 1961-та до 89-тата година, животот го загубија најмалку 140 луѓе кои се обидувале да побегнат од источна во Западна Германија.
Историчарите посочуваат дека смртоносниот биланс е многу повисок од оваа официјална бројка на жртви.
Со уметнички перформанси, концерти и јавни дебати во цела Германија ќе се одбележи 30-тата годишнината од падот на ѕидот а најголемиот концерт ќе се одржи покрај еден од најпознатите симболи на Берлин – Бранденбуршката порта