Матис со оставка до Трамп – Кулминира судирот помеѓу Белата куќа и Пентагон

Оставката на генералот Џим Матис, за кој Трамп лажно и навредливо кажа дека заминува во пензија, не претставува обична оставка.

Позади ова заминување постои една длабока, опасна и сериозна фрактура, полна со последици во судирот помеѓу Трамп и воениот врв на темата Сирија.

Оваа Бела куќа на Трамп не навикна на такво темпо на оставки и владини реконструкции, што ризикуваме повеќе да не правиме разлика околу важноста на тоа кој си поднел оставка. Во случајот Матис збориме за судир помеѓу претседателот и еден од бастионите на моќта врзани за империјалната улога на САД во светот, односно Пентагонот.

„Ова доаѓа во време кои постојат многу тензии помеѓу Белата куќа и Пентагон околу најавата на Трамп дека ќе ја повлече војската од Сирија. Тоа е нешто на што Пентагонот жестоко се противеше, затоа што сметаше дека војската во Сирија беа заштита од екстремистичките сили меѓу кои и Исламската држава“, кажа Џули Пејс – аналитичар.

Напуштањето на Сирија буквално значи нејзино дефинитивно препуштање во рацете на Владимир Путин и иранските ајатоласи. И позади ваквиот чекор, американските генерали почнуваат да приметуваат една опасна шема, еден голем дизајн кој веќе можеше да се насети во изолационистичкиот инстинкт на Трамп.

Односно, дека Америка под Трамп, полека но сигурно се повлекува од регионите во светот каде САД од крајот на Втората Светска војна има витално, ако не и ексклузивно влијание. Од Далечниот Исток, преку Европа и НАТО сојузниците, до Блискиот Исток, Трамп се однесува како ликвидатор на американската хегемонија, човек кој со својот слоган „Америка пред се“, го распарчува светскиот поредок базиран на американската доминација.

Воениот естаблишмент не може да толерира едно слично повлекување, особено не спроведено во тотален хаос и импровизација, без остапки од страна на растечките сили или алтернативен модел на светски поредок.

„Тоа што особено е важно во одлуката на Матис е тоа што го кажува во писмото за оставката и дека претседателот заслужува Министер за одбрана кој повеќе е на иста линија со неговите политики, околу улогата на САД во светот. И тој става акцент на посветеноста на САД во НАТО, посветеност кој Алијансата во борбата против Исламската држава, загриженоста околу улогата која Кина и Русија ја играат сега. Значи фактички тоа што го кажува е дека не се согласува со претседателот на сите овие прашања, од нашите сојузништва, нашите односи во НАТО и околу улогата на Русија и Кина“.

По оставките на генералите Мекмастер и Кели, оставката на Матис доаѓа како кулминација на судирот помеѓу Белата Куќа и Пентагон. Длабоката држава на која Трамп редовно се повикува, дека го кочи и опструира, во овој случај навистина постои. Но не може да се обвинат генералите дека станува збор луѓе од администрацијата верна на Обама. Трите генерали кои Трамп ги изгоре за две години, се сериозни конзервативци, јастреби, десничари, поголеми трамписти и од самиот Трамп. Но, доцна ги отвараат очите и сигурно сериозни ги пржи јавното радувањето на Путин околу повлекувањето.

„Што се однесува до поразот на ИСИС, се согласувам со претседателот на САД. Веќе реков дека имаме постигнато значителни промени во борбата против тероризмот на оваа територија и сериозно ги удривме ИСИС во Сирија“.

Воениот естаблишмент кој говори за колосална грешка, е разочаран што Москва и Техеран добиваат одврзани раце, како и Анкара која е спремна за нова офанзива против Курдите до вчера тренирани, а сега напуштени од американскиот сојузникот и оставени на својата судбина.

Но, највеќе од се, Пентагонот сериозно почнува да се сомнева околу случајот Рашагејт, прашувајќи можеби биле слепи и попустливи околу врските помеѓу Трамп и Путин, особено по овој амерекинаски подарок за Русија. Особено што Путин е дотолку дрзок, што пред целиот свет ја аплаудираше одлуката на Трамп.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ