
И по Меркел, Меркел – Миленичката Каренбауер избрана за наследник и нов лидер на ЦДУ
„Не бев родена како канцелар или како партиски лидер, секогаш сакав мојата владина и партиска работа да ја вршам достоинствено, и еден ден да ве напуштам со достоинство“, рече канцеларката Ангела Меркел во својот последен говор како претседател на ЦДУ.
По 18 години на чело на германската Христијанско-демократска унија, Ангела Меркел ќе си замине достоинствено благодарение на нејзината наследничка. Актуелната генерална секретарка Анегрет Крамп-Каренбауер е избрана за нов претседател на ЦДУ.
И по Меркел, Меркел, Каренбауер е позната како мини Меркел, нејзината двојничка, во секој случај омилената наследничка на легендарната „мути“. Таа ќе ја води најголемата европска народна партија во тешкиот пост-Меркел период карактеризиран од популизми и подемот на екстремната десница.
Каренбаруер како докажен партиски човек, со 52 проценит од гласовите успеа да го победи главниот ривал Фридрих Мерц – поранешениот висок партиски функционер кој се повлече од врвот на партијата по кавга со Меркел пред девет години. Каренбаруер ги убеди делегатите со својата смиреност и повикот за обединетост.
„Ако погледнеме реално тогаш мораме да сфатиме: Ние, ЦДУ и ЦСУ заедни, сме нешто како послениот еднорог во Европа, последната голема народна партија, и драги делегати, јас сакам тоа така да остане. Оваа Европа, оваа Германија, на овој свет му е потребна силна ЦДУ. За тоа мораме да се бориме, тоа е предизвикот пред сите нас“, кажа Каренбауер.
Каренбауер беше помалку агресивна од Мерц и претставува континуитет во политиките на ЦДУ и мирна кохабитација со владата на Меркел до крајот на нејзиниот мандат во 2021 година. Мерц претставуваше ризик за нова политичка фрактура и речиси сигурно дистанцирање на Меркел од канцеларската позиција.
Изборот на Каренбауер говори за германската стратешка мудрост, дека бираат со срце, но пред се со разум, и дека за новите предизвици не мислат дека се потребни само нови и лесни решенија, нагли резовии туку една градуална транзиција која е гаранција за политичката стабилност и верноста на гласачите.
Влегуваме во залезот на една уникатна политичка кариера. Кога Меркел беше избрана за прва жена претседател на ЦДУ, Марк Цукенберг одеше во средно, дојч марката беше најсилната валута, а најдобрите телефони беа Нокиа. Не е воопшто претерано да се каже дека сме на крајот на една ера.
„Сега е време да се отвори ново поглавје. Денес, во овој час, во овој момент јас сум преплавена од една едиснтвена емоција – благодарност. Ми претставуваше огромно задоволство, огромна чест. Ви благодарам многу“.
Ивор Мицковски