16 милиони луѓе во Италија во карантин заради корона вирусот

16 милиони луѓе во Италија се под карантин, во обид на оваа држава конечно да најде начин да го ограничи ширењето на епидемијата корона вирус.

На секој човек кој живее во Ломбардија и 14 други централни и северни провинции ќе му биде неопходна посебна дозвола да патува а оваа забрана важи и за Милано и Венеција.

Премиерот Конте најави дека во цела Италија ќе бидат затворени училиштата, спортските сали, музеите, ноќните клубови и други локации во целата држава.

Станува збор за најрадикалните мерки преземени во која било друга држава надвор од Кина , кои ќе траат до 3-ти Април.

“Во оваа територија од нашиот полуостров ќе примениме поостри мерки. Ќе наведам некои. Ќе воведеме поинаква дисциплина отколку остатокот на италијанската територија. За Ломбардија и другите северни провинции кои ги наведов ќе има забрана за сите луѓе да влегуваат или излегуваат од нив, но и да се движат во самите провинции. Исклучоци ќе бидат направени единствено за докажаните професионални потреби, исклучителни случаи и здравствени проблеми” – изјави италијанскиот премиер, Џузепе Конте.

Во Италија има најголем број случаи корона вирус во Европа а драматично зголемување на бројот на инфекции беше објавено во текот на вчерашниот ден.

Смртоносниот биланс во Италија сега е над 230, при што во последните 24 часа починале 36 луѓе. Бројот на инфекции се зголеми за повеќе од 1 200 на 5 883 луѓе.

Карантинот ќе опфати ¼-тина од италијанското население кои живеат во економски најмоќниот северен регион на државата.

Ситуацијата е особено тешка во регионот Ломбардија, каде живеат 10 милиони луѓе. Здравствениот систем на овој регион е пред колапс, при што голем број луѓе се сместуваат и во ходниците на болниците.

“Како што знаете, во Ломбардија е особено тешка ситуацијата во болниците и очекуваме дека ќе биде побарано голем број пациенти да бидат пренесени во други региони. Овие пациенти од Ломбардија ќе бидат пренесени кон другите региони каде има доволно постели во болниците, како што е предвидено со планот за центарот за вонредни ситуации” – оцени специјалниот комесар за корона вирусот во Италија, Анџело Борели.

Доцна синоќа, откако се прошири информацијата дека северните италијански региони ќе бидат под карантин, голем број луѓе се упатија кон железничките станици, во обид да излезат предвреме од регионите кои сега веќе се прогласени за ткн црвени зони.

“Дојдов тука, затоа што пред 2 часа прочитав дека можеби ќе објават итен декрет со кој Падова е во црвената зона и затоа што сакам да се вратам дома на југ кај моето семејство и затоа одлучив да заминам порано” – вели Роберто Паљара, студент на универзитетот во Падова.

Шефот на светската здравствена организација, Тедрос Адханом, ја пофали одлуката на Италија, оценувајќи станува збор за вистинска жртва, која се презема за општото добро.

Во остатокот од светот, бројот на случаи корона вирус е речиси 102 000 , со околу 3500-тини смртни случаи. Најголем дел од нив се во Кина.

Први 4 потврдени случаи на корона вирус има и во Бугарија. Две лица, 27 годишен маж од Плевен и 75 годишна жена од Габрово се хоспитализирани заради сериозни респираторни проблеми.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ